Македонија го добива вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност во висина од 36,4 милиони евра, беше нагласено денеска на 84-тата седница на Собранието, каде што беше донесен Законот за задолжување на земјава кај Меѓународната банка за обнова и развој- Светска банка.
„Со овој заем ќе се поддржат активности во четири клучни области: развој на производство со висока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор, подобрување на ефикасноста на услугите на трговската логистика и воспоставување флексибилност на пазарот на труд, развој на вештини и иновација“, рече заменик министерот за финансии Ардиан Џеладини, кој нагласи дека целта на овој заем е дак се обезбедат средства за буџетска поддршка.
Проектот, како што нагласи тој, ќе биде усвоен од Бордот на банката на 13-ти март годинава.
Заемот ќе и’ биде доделен на Македонија со рок на отплата од 18 години, со вклучен грејс-период од пет години и каматна стапка шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон, како и подеднакви износи на отплата кои ќе се плаќаат двапати во годината, почнувајќи од 15-ти март 2019 година, заклучно со 15-ти септември 2031 година. Еднократната провизија е 0,25 отсто од износот на заемот.