Македонија и Бугарија потпишаа договор за интегриран енергетски пазар

Бугарија и Македонија го потпишаа договорот за заеднички енергетски пазар, денеска во Софија помеѓу Министерството за енергетика на Бугарија и Министерството за економија на Македонија.

Македонија и Бугарија ќе соработуваат во пилот проектот за интеграција на енергетските пазари меѓу земја членка на Европската унија и земја кандидат за членство, согласно Договорот за формирање на Енергетската заедница. Тоа е предвидено во проект-меморандумот меѓу бугарското Министерство за енергетика и македонското Министерство за економија за обединувањето на енергетските пазари „Ден однапред“, што бугарската Влада веќе го одобри, се наведува во соопштение на бугарската Влада.

Меморандумот предвидува еднаква правна и регулаторна основа за обединување на пазарот на електрична енергија помеѓу двете држави при недискриминаторски и праведни услови.
Договорот произлегува од општите одредби за поврзаност во енергетскиот сектор, создавање на работни места и развивање на конкурентен и интегриран енергетски пазар во регионот.