![1 (3)[11004]](https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/1-311004.jpg)
Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска го достави до грчката страна Нацрт-договорот што беше интензивно подготвуван во последниве денови, а пред неколку дена стигнал и грчкиот Нацрт-договор, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Според него, постојат разлики, но ако се мисли на една цел, ќе успеат да се надминат тие разлики.
-Со ова, комуникација која што досега се одвиваше главно низ усмен дијалог влегува во една фаза, каде што има и размена на пишани документи. Убедени сме, целта е да се најде едно одржливо и едно достоинствено решение за надминување на разликата околу името. Да се најде една разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција. Тоа е можно. Со нетрпение и со задоволство ја очекуваме посетата на мојот колега министерот Коѕијас којшто ќе допатува во четврток. Ќе има доста средби и активна програма во петок- рече Димитров.
Според него, двајцата министри ќе ги продолжат разговорите во Виена на 30 март, под медијаторство на господинот Нимиц, под покровителство на ОН.
-Убедени сме, дека елементите, од нашата Нацрт-спогодба ќе бидат корисни и во рамките на тој процес, којшто е главен, бидејќи и формално врз основа на Резолуцијата 817, од 1993 година, на Советот за безбедност на ОН, овој процес и се води токму за тоа. Да се надмине разликата околу името и процесот се води под покровителство на Светската организација, на ОН- рече министерот.