Македонија има седум пати повеќе војници од Грција во Авганистан

Според најновиот преглед на земјите-учеснички и на бројот на војници со кои партиципираат во мисијата „Решителна поддршка“, уделот на Македонија е над седум пати поголем од тој на Грција во рамките на силите на НАТО во Авганистан, објави „Експрес“.

Иако не е членка на Алијансата, и покрај тоа што уште на самитот во Букурешт 2008 ги исполни сите критериуми, но беше блокирана од Грција, Македонија во Авганистан има 44 војници наспроти само шест на јужниот сосед, кој е дел од северноатлантскиот пакт уште од далечната 1952 година.

Меѓу 39 држави со воен персонал во азиската земја Македонија има повеќе луѓе под униформа од 14 од нив, од кои девет членки на НАТО.

Убедливо најброен персонал во „Решителна поддршка“, која пред три години ја замени мисијата ИСАФ, имаат САД со 8.475 војници од вкупно 15.995.