Македонија ќе протера руски дипломат поради случајот Скрипал

Македонија одлучи да протера еден руски дипломат, поради случајот Скрипал, информира МНР.

Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“.

МНР наведува дека протерувањето е во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се наведува во соопштението од МНР.

Претходно денеска, САД, Канада, Украина и 14 земји-членки на ЕУ најавија протерување руски дипломати. Руските власти најавија одговор на реципрочен начин.

Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени со нервен гас во британскиот град Салсбери на почетокот на месецов. Западот ја обвинува Русија дека стои зад нападот. Москва негира вмешаност.

Голем број членки на ЕУ денеска одлучија да протераат одреден број руски дипломати поради наводната вмешаност на руските власти во нападот со нервен отров во Велика Британија, но, меѓу нив, како што соопштуваат словенечките медиуми не се: Словенија, Словачка и Австрија.