Од почетокот на 2015 година до денес, ВМРО-ДПМНЕ и Македонија се напаѓани со специјални средства, а СДСМ ја има добиено улогата да одглуми вешт напаѓач. Слабо ја врши таа улога, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред партискиот подмладок. Упатувајќи ги политичките пораки, Груевски посочи дека ќе има избори, но треба да се внимава и да не се дозволи СДСМ повторно да ја злоупотреби состојбата за предизвикување нови штети врз државата. А штети има, пишува Република.
Веќе е јасно дека политичкиот вител во кој денес е заглавена македонската опозиција, а со неа и државата, се должи на фактот што јавноста ја препозна нејзината гола борба за власт. Бегството од два изборни датума во една година, притоа барајќи „трета мајка“, но под „специјални услови“, повторно свртувајќи се кон улицата, каде што се користи пратеничкиот имунитет за деструкции, е само показател дека и на опозицијата и на нејзините спонзори им е јасно дека изборите, кога и да се случат, нема да ѝ донесат победа, пишува неделникот.
Сепак, и при најголемата криза предизвикана токму од таа заслепеност низ која е проткаена и алчноста за лично профитерство, и јавноста и ВМРО-ДПМНЕ како носител на одговорноста за државата според сите изборни циклуси, успеаја не само да не потклекнат пред најголемиот предизвик, туку и да изградат стратегија за одбрана, пред сè, на државните интереси, како и стратегија за излез од кризата. Секако, тоа се изборите на кои, повторно, според сите соодветни анкети, гласачите повторно ќе ѝ ја дадат довербата на ВМРО-ДПМНЕ. Македонија е на патот на евро-атлантските интеграции, пат на кој се потребни многу реформи, но и пат на кој мора да се покаже почит кон партнерите од меѓународната заедница, од каде што критиките не секогаш се плод на реални анализи, туку се преземени паушални оцени пласирани од опозицијата. Особено за аспектот за (не)функционирањето на Специјалното јавно обвинителство, објавува Република.
Ваквата реалност во која Македонија веројатно ќе го заврши и ова лето, беше неизбежен дел од анализата и од пораките што ги упати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пред партискиот подмладок, на 25. годишна конференција на Унијата на млади сили.
„Република“: Специјални средства против ВМРО-ДПМНЕ и Македонија
Од почетокот на 2015 година до денес ВМРО-ДПМНЕ и Македонија се нападнати со специјални средства, а СДСМ ја има добиено улогата да одглуми вешт напаѓач. Играта е препознаена, народот не подлегна на подмолниот напад, а ВМРО-ДПМНЕ изгради стратегија за надминување на ситуацијата – рече Груевски во своето обраќање.
Таа стратегија не подразбира дека проблемот ќе се надмине без пречки, опструкции, кризи во нејзиното спроведување, лични откажувања и жртви, привремени отстапки, попатни корекции и слично. Целите на стратегијата се, на прво место, државата и нејзиниот интерес, како и интересот на народот, по цена за тоа да се жртвуваат одредени партиски или нечии лични интереси. Значи, државата пред партијата – на дело. Втора цел е надминување на ситуацијата и излегување на предвремени избори, посочи Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ укажа на високата поддршка од народот на партијата на власт и една и пол година од почетокот на кризата, но и на желбата на граѓаните таа состојба да заврши на избори, свесни во што ја втурна СДСМ Македонија.
Мнозинството граѓани се свесни дека приказните на СДСМ со фантомски гласачи и со немање слобода на медиумите се само изговор за да се одложат изборите. СДСМ нема извлечено никаква поука од претходните изборни порази. Бесчувствително ги тероризира народот и државата за со сила да издејствува доверба и со сила да ја намали довербата во нас. Мнозинството граѓани имаат проценето дека водството на СДСМ, на чело со нивниот претседател, освен што е безидејно и деструктивно, тоа е и со криминални навики и со криминален начин на функционирање и на резонирање. Мнозинството граѓани се свесни дека ВМРО многу подобро би ја водела земјата и во однос на економијата, и во однос на безбедноста, и во однос на реформите и во однос на националните интереси, оцени Груевски.
Прочитана е и стратегијата со Специјалното јавно обвинителство, целите и намерите на специјалните обвинители за чијашто работа Груевски оцени дека не само што не е професионална, туку и дека е активно партиска за поддршка на СДСМ и за оцрнување и загрозување на ВМРО.
За жал, многумина однадвор, без да направат длабинска анализа, потпаѓаат под приказната дека ова што го велам е неточно или е некоја кампања против СЈО. Многумина од нив, немајќи време за длабинска анализа, преземаат ставови еден од друг верувајќи дека се точни, додаде Груевски.
Во таа насока, а зборувајќи за евроатлантските интеграции и меѓународната заедница, Груевски се осврна на црната кампања што долго време се води против ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека е нарушена перцепцијата кај некои пријатели. Тоа, пак, вели, се надминува со искрен пристап, реформи и со резултати.
Македонија е дел од меѓународната заедница и треба и ќе стане член на НАТО и на ЕУ… Не треба сите што нè критикуваат од надвор или од внатре да ги доживуваме како непријатели, дури и кога сме 100 отсто сигурни дека нивниот став е неправичен или невистинит. Треба да прифатиме дека дел од тие критичари се во заблуда, а и дека некаде ние сме погрешиле нешто… Времето ќе ја изнесе вистината на површина, додаде Груевски.
Работата на препознавање и на коригирање на сопствените грешки е една од најделикатните работи во политиката. Најдобро е да се спознаат и поправат навреме, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој најави уште многу реформи и во економијата, и во сферите посочени од европската комисија како слабости, како администрацијата, судството, безбедносниот сектор, демократијата, медиумите. Потребна е работа и во коригирањето на сопствените грешките на кои укажуваат и граѓаните, за што Груевски посочи дека „наоѓаа начини да ни ги соопштат преку разни начини на комуникација“.
„Република“: На избори без штета за државата
Иако брзи избори би придонеле за надминување на кризата и за намалување на штетите, првенствено во економијата, тоа што Груевски го упати како порака во обраќањето на 25. годишна конференција на УМС, беше дека пред мора да се внимава за државата да не се доведе повторно во ситуација во која закажаните избори би нанеле поголема штета.
Имено, оваа година на двапати беше определуван датум за одржување избори, но и на двапати СДСМ успеа да го минира процесот за нормализирање на ситуацијата. Притоа, беше злоупотребен делот од Договорот од Пржино за формирање влада за спроведување на изборите, со што опозицијата влезе во пет министерства. Но, место да се работи на создавање атмосфера за фер и демократски политички натпревар на изборниот ден, таа позиција беше злоупотребена за нанесување нови штети и за дневнополитички игри на опозицијата. Токму затоа, Груевски во своето обраќање упати порака дека може да се одржат избори во следните четири или 10 месеци, но предупреди дека е можна нова „нечесна игра“.
Раководството на СДСМ повторно е фокусирано како да направи некоја нечесна игра во правец на изборите. Сега е клучно како да се отиде на избори, а СДСМ преку тие избори да не направи нова штета на државата. Покажа дека е подготвен на сè. Од нас, а не од него, се очекува да внимаваме на тоа и да ги зачуваме државните интереси. И ќе ги зачуваме, заклучи Груевски.
На тие избори Македонија ќе стави крај на оваа политичка игра и политичка хајка, оцени Груевски. Но, пред сè, тие избори ќе стават крај на предизвикувањето економски штети, кои ги трпи македонската економија, а со тоа и сите граѓани во државата.
СДСМ смета дека колку што подолго има такви штети по економијата, тоа оди во негова корист, во смисла дека луѓето ќе помислат дека одеднаш сме заборавиле да ја водиме економијата како што ја водевме, па треба него да го одберат на избори. А штети има. Иако успеваме да ја држиме економијата со стабилен пораст, факт е дека без оваа вештачки наметната криза, порастот на економијата ќе беше поголем и ќе имаше и повеќе инвестиции и вработувања и повисок стандард, плати и заработка, што ќе го подобреше животот, оцени Груевски.
Имајќи ги предвид анализите од мерењето на политичкото расположение на јавноста, како и натамошното вртење во круг на македонската опозиција, без да се покаже никаков исчекор од стратегијата што ја доведе до овој безизлез, одржувањето избори во следните четири до десет месеци нема да ја промени актуелната состојба во која ВМРО-ДПМНЕ ја ужива довербата од најголемиот број граѓани. Тоа, пак, што, сепак, ќе биде поинакво е колкава ќе биде казната од гласачите за опозицијата. Колку што подоцна се одржат изборите, толку ќе биде поголема казната за нив.