Сениорската фудбалска репрезентација на Македонија денеска од 18 часот ќе игра контролен натпревар против Азербејџан, во Белек, Турција. Ова е втор подготвителен натпревар на нашите репрезентативци во Турција, откако пред една недела, исто така во Белек, одиграа без голови со Финска.
Играчите на Игор Ангеловски немаат пораз девет и пол месеци, па евентуална победа ќе ја одржи позитивната атмосфера во националниот тим пред почетокот на Лигата на нациите.
Освен сениорската, уште три фудбалски селекции на Македонија денеска излегуваат на мегдан.
Први на терен ќе излезат надежите до 19 години кои го играат последниот меч од елитните квалификации. Противник е Англија, дуелот се игра од 14 часот. Македонија со голема надеж влезе на турнирот кој се игра во Скопје, но Летонија во првото коло ни зададе силен удар, а Унгарија потоа ни ги одзема и теоретските шанси, па денешниот меч со најсилната селекција во групата, Англија ќе биде без резултатско значење.
Во идентична ситуација се и надежите до 17 години кои од 16 часот играат против Грузија. Македонија во првите два меча загуби од Ирска и Полска, па дуелот со Грузија ќе биде за престиж.
Македонската селекција до 21 година и гостува на Австрија каде патува како аутсајдер. Австријците на дуелот во Скопје славеа со убедливи 4-0. Избраниците на Боби Милевски во квалификациите тргнаа амбициозно со гостинска победа над Ерменија, но потоа следуваа четири порази по ред кои не однесоа на последното место на табелата. Натпреварот против Австрија се игра од 18 часот.