Македонија на мегдан и со Кина

Во рамките на циклусот подготвителни натпревари за претстоечките квалификации за ЕУРО 2016 кои започнуваат во септември 2014, фудбалската репрезентација на Македонија ќе одигра и два пријателски натпревари со репрезентацијата на Кина.

„Заедништвото, сплотеноста, помошта на фудбалскиот терен е нешто што со години наназад ни недостига, и тоа треба да се промени. Од секој натпревар, треба да се извлекува поука, да се направи анализа, и работите да се подобрат веќе на следната средба. Ќе им биде дадена шанса и на интернационалците, но и на фудбалерите од домашното првенство, а сѐ со цел да се уигра замислената тактика, и да се формира комплетна слика за изгледот на репрезентацијата. Се разбира дека резултатите се важни, но со овие подготвителни натпревари на прво место е формирање на комплетен тим кој достојно ќе не претставува во претстоечкиот квалификациски циклус”, изјави селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Бошко Ѓуровски.

Натпреварите ќе бидат одиграни на 18 јуни – во Шенјанг и на 22 јуни – во Јинан. Точното време на одигрувањето на натпреварите ќе биде дополнително утврдено од страна на домаќинот – Кина.