Македонската ракометна репрезентација вечерва (18.00 ч) ќе го одигра првиот бараж натпревар со Грција во Атина, за пласман на Светското првенство во Катар, наредната година. “Црвено – жолтите” се фаворите на овој натпревар и би требало уште по овој натпревар да направат солидна предност, која ќе гарантира мирен реваш за седум дена во Скопје
„Нема да бегаме од фаворитската улога, подобри сме две класи, меѓутоа треба да се одработи, треба да се одигра и ние сме спремни. Имаме четири до пет години континуитет на големи натпреварувања и треба квалитетно да го отвориме мечот. Секој дуел во првите пет минути може да видиш која екипа влегува со поголема страст во натпреварот и доколку ние бидеме тие не би требало да имаме проблем“ изјави капитенот Кире Лазаров.
Влезот на натпреварот меѓу Грција и Македонија во салата Лиосион во Атина ќе биде слободен, но секој што ќе сака да влезе ќе мора да покаже документ за лична идентификација. Полицијата нема да им дозволи на навивачите да дојдат до официјалниот влез каде што треба да пристигнат ракометарите.