Со голем број настани во Република Македонија денеска достоинствено ќе биде одбележан 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Државните институции, претседателот на Републиката и Владата, невладините организации ќе организираат поголем број манифестации по повод одбележување на овие два големи настани.
Република Македонија ги почитува, уважува и вреднува овие два големи настани – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Тие почиваат на вредности во кои веруваат и за кои работат граѓаните на Република Македонија, вредностите на слобода, напредок и хуманост, и на овој начин нашата земја дава свој придонес во глобалното одбележување на овие настани кои носат големи цивилизациски придобивки, изјави денеска портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.
Претседателот на Република Македонија Иванов по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа утре ќе ги посети припадниците на АРМ во скопската касарна „Илинден“, каде што ќе се одржи свечено дефиле на единиците.
Во Кабинетот на претседателот Иванов, како што е најавено, ќе се одржи и Панел дискусија на тема „ЕУ-од идеја до заедничка иднина“. На панел дискусијата ќе учествуваат, покрај Иванов, и шефот на мисијата на ЕУ во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав, професорите Ветон Љатифи од Универзитетот на Југоисточна Европа и Иван Дамјановски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, додека модератор ќе биде професорот Димитар Мирчев.
Претседателот Иванов ќе има обраќање и на свечената академија која ќе се одржи во Македонскиот народен театар во рамки на одбележувањето на двата настана.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, пак, во Министерството за надворешни работи ќе одржи предавање на тема „Европа и младите“, пред студенти на европски студии и членови на Дипломатската академија.
Вицепремиерот Фатмир Бесими и министерот Попоски се очекува, во Клубот на пратеници во Скопје, во соработка со Делегацијата на Европската комисија, да имаат средби со амбасадорите на земјите членки на ЕУ.
Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа ќе го прослават и Министерството за образование и наука и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кои на Филозофскиот факултет во Скопје, ќе одржат Форум на тема „Антифашистичката и Народноослободителната борба“.
Утре и првиот училишен час во основните и во средните училишта ќе биде посветен на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, за што МОН веќе има испратено допис и насока до сите училишта. Во рамки на часот наставниците и учениците ќе разговараат за настаните, за историската димензија, како и за вредностите на кои почиваат одбележувањата и самите настани.
Во рамки на одбележувањето, утре државни делегации и делегации на граѓани ќе положат цвеќе на Споменикот на борците од НОБ и АФБ пред Владата, на АСНОМ и на споменикот на Кузман Јосифовски Питу во „Жена парк“, како и на споменикот на „Ченто“ на плоштадот „Македонија“.
Одбележувањето на двата настани утре на плоштадот „Македонија“ ќе го збогатат и учениците од Музичкото училиште, кои ќе изведуваат музички дела на тема „Македонија и Европа“, додека пак учениците од Ликовното училиште ќе цртаат на поставени паноа слики на тема „НОБ Македонија/Европа“.
извор: МИА