Македонија, Србија, Албанија и Косово заедно во борбата против тероризмот

Полициските служби од Македонија, Србија, Албанија и Косово ќе ја интензивираат соработката и размената на податоци во борбата против тероризмот и организираниот криминал.

Ова е договорено на денешната регионална конференција што се одржува во Скопје во организација на Бирото за јавна безбедност со посредство на Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово.

– Тероризмот и организираниот криминал претставуваат глобален проблем и закана. Терористичките напади коишто се случија во Франција, Турција и во Германија и кои предизвикаа голем број човечки жртви и огромна материјална штета претставуваат јасни индикатори дека овој феномен мора да се решава на глобално ниво, изјави шефот на Мисијата на ЕУЛЕКС на Косово, Оливер Хофман.

Според него, за поефикасна борба против тероризмот потребно е да се зголеми соработката меѓу полициските служби и да се идентификуваат начините за побрза размена на информации.

За заменик-директорот на Бирото за јавна безбедност Бесир Деари, тероризмот и организираниот криминал се закани кои ги засегаат и државите од Западен Балкан и за кои треба да се воспостават ефикасни механизми за размена на податоци.

– Ова е прва конференција од овој вид. Идејата е секоја земја учесник во иницијативата, по пат на ротација, да организира ваква средба со различни теми на дискусија, рече Деари.

Следната конференција на која четирите држави од Западен Балкан ќе разговараат за теми од организираниот криминал и тероризмот ќе се одржи на Косово.