Бруто домашниот производ на Македонија, во третиот квартал од оваа година, забележа скок од високи 3,3 отсто, со што е трета земја во Европа, покажуваат податоците на европската Агенција за статистика „Еуростат“.
Македонија е веднаш за економиите на Романија и Латвија, кои во третиот квартал од оваа година, оствари раст на домашната економија од 4,1, односно 3,9 отсто.
Од земјите во регионот, Бугарија е на 11-тото место со раст на БДП од скромни 0,7 отсто.
Дваесет и осмата земја членка на ЕУ, Хрватска, се наоѓа под црвената линија, односно во овој период остварила негативен раст на БДП од 0,6 отсто, Грција е повторно во негатива од минус три отсто, додека Кипар е на дното со најголем пад на БДП од 5,7 отсто.
Државниот завод за статистика вчера ги објави податоците за раст на БДП во третиот квартал според кои економската активност во земјава пораснала за 3,3 отсто. Како главна моторна сила за овој економски раст, Статистика го нотира градежништвото кој што забележи огромен раст од 30,5 отсто.
Во порастот на БДП удел имаат и подобрените состојби во секторите сообраќај, складирање и врски од 5,8 отсто, трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила, мотоцикли и предмети за лична употреба и за домаќинствата од 2,8 отсто.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, која е исто така е еден од клучните индикатори за економската состојба во земјава, заедно со непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2013 година, во однос на истиот период од 2012 година, номинално расте за четири отсто, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 72,8 отсто.
Извозот во третиот квартал, како што соопштува Статистика, се зголемил за 7,2 отсто, а увозот е намален за 2,1 отсто.