Македонка меѓу победниците на филмски натпревар во Њујорк

Сценарио зад кое се потпишува Македонка која живее и работи во Холивуд, ја освои третата награда „Park Avenue“ во категоријата „Оригинална телевизиска драма“ на њујоршкиот натпревар за сценарио „New York Screenplay Contest“.

Во конкуренција co над илјада сценарија од целиот свет, 28-годишната штипјанка, Александра Миланова со сценариото насловено „Elemental“ успеа да се избори за оваа престижна награда и да добие огромно признание, вбројувајќи се меѓу победниците на овој натпревар.

„Да бидам еден од победниците на најголемиот натпревар за сценарија во Њујорк е огромна чест. На сценариото работев повеќе од една година и немав никакви очекувања додека го пишував. Вложив многу труд, единствено со цел да напишам добра приказна.“, вели Александра во изјава за Нет Прес.

Њујоршкиот натпревар за сценарио е глобален натпревар кој е дизајниран да ги лансира кариерите на најдобрите сценаристи во филмската индустрија. Освен награди и признанија натпреварот нуди и можности за поврзување на сценаристите во мрежата на забавната индустрија. Како најважна од многубројните награди кои се доделуваат на овој натпревар е тоа што победниците добиваат шанса за состаноци со водечки професионалци од светот на филмот. Како што истакнуваат организаторите на натпреварот, само најиновативните сценарија се почестени со ексклузивната титула „победник на Њујоршкиот натпревар за сценарио“.

14501868_10153728370746637_1477327141_n

Александра која годинава магистрираше на одделот за сценарио на Њујоршката Филмска Академија, истовремено придонесува и кон македонската забавна индустрија, како дел од тимот на сценаристи на детската телевизиска серија „5+ Фамилија“ во продукција на ОХО. Миланова се потпишува зад сценариото на три епизоди од оваа серија, кои минатата сезона се емитуваа на националните телевизии „Телма“ и „Алсат М“. Таа моментално работи и на третата сезона која оваа есен премиерно ќе се емитува на Македонската радио телевизија. Серијата „5+ Фамилија“ лани се закити со две бубамари на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, една за најпопуларна тв серија за 2015, а другата за телевизиско-музички проект.

Младата и талентирана штипјанка се јавува како сценарист и во краткиот хорор филм насловен „Фотобомбд“, со кој исто така успеа да освои првото место од жирито и публиката на Бламхаус Интерн Филм Фестивал во мај годинава.