Македонската амбасадорка во Бугарија повикана во бугарското МНР

Новиот шеф на бугарската дипломатија Иван Кондов денеска ја повикал на средба во Министерството за надворешни работи амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Агнеза Поповска.

Бугарското МНР соопшти дека во текот на разговорот, министерот Кондов изразил загриженост и несогласување со постапувањето на граничните власти на Република Северна Македонија на граничниот премин Ново Село, кои на 6 мај не им дозволиле влез на бугарскиот евтопратеник Андреј Ковачев, на претседателот на Фондацијата „Бугарска меморија“ Милен Врабевски, како и на уште тројца бугарски државјани.

Кондов истакнал дека таквата мерка ја смета за неоснована и некомпатибилна со европските принципи и норми, кои Република Северна Македонија се обврзала да ги почитува.

– Од бугарска страна беше констатирано дека е неприфатливо да се составуваат списоци за забрана за државјани на земја-членка на ЕУ. МНР очекува да биде информирано за критериумите според кои бугарските граѓани и европските парламентарци се вклучени во таквите списоци. Министерот Кондов истакна дека слични постапки на официјални институции во Северна Македонија, кои не се случуваат прв пат, имаат негативно влијание кај бугарската јавност и предизвикуваат неоспорна штета на градењето на добрососедските односи меѓу двете земји, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на бугарското МНР.

Македонското МНР, пак, во врска со овој случај денеска соопшти дека на 6 мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“.

– Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија, стои во сопштението од макеоднското МНР.