Четворица активни генерали, голем број офицери и подофицери како и илјадници регрути во 1992 година ја започнаа реализацијата на најголемата патриотска должност за обезбедување мир и стабилност на граѓаните на Република Македонија, кои само неколку месеци претходно на референдум се изјаснија за самостојна и независна држава со одвојување од долгогодишното заедничко уредување со поранешна СФР Југославија како и тогашната ЈНА.
Клучната улога во обезбедувањето на територијата на државата, по заминувањето на војската на тогашна Југославија, ја имала добро организираната територијална одбрана која прва ги презема испразнетите касарни, а веднаш потоа и целосно, во рок од 10 дена ги обезбедила границите, односно ги презема караулите. Со договорот потпишан на 21 февруари 1992 година, помеѓу гeнералот на тогашна ЈНА, Благоја Аџиќ, и претседателот на РМ, Киро Глигоров, беше определен и крајниот рок 15 април 1992 година за повлекување на ЈНА од државата.
На 11 март 1992 година, единиците на Територијалната одбрана на Крива Паланка ја презедоа првата караула „Рамна Нива”. Истиот ден, на свечен начин беа преземени и соседните караули „Деве Баир” и „Коприва” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Набргу потоа беа преземени сите караули на македонската граница, односно на 21 март е предадена и последната македонска карула „Јован Вукотиќ” во близина на преминот Меџитлија.
Тогашниот прв претседател на Македонија, Киро Глигоров, и генералот на ЈНА, Никола Узелац, на 27 март 1992 година, во Собранието на Република Македонија го потпишаа завршниот акт од Договорот за повлекувањето на единиците на ЈНА од Македонија. Со тоа целосно било спроведено одбранбеното одвојување од ЈНА и од СФРЈ и осамостојување. Со преземањето на последната караула била воспоставена целокупната организација, чување и обезбедување на границата и територијалниот интегритет и суверенитет со војници и старешини од единиците на територијалната одбрана кои таа должност ја вршеа во првите неколку месеци сè до пристигнувањето на првиот редовен регрутен контингент на АРМ.