Претставници на Македонската асоцијација за управување со отпад (МАСВА), учествуваа на водечкиот саем за зелени технологии „ЕКОМОНДО“, што се одржа во Римини, Италија од 7-10 ноември годинава. Во рамките на саемот претставниците на македонските компании и експерти, членки на МАСВА остварија средби на кои беа разменети искуства и знаења и се зајакнаа можностите за соработка со глобалните компании кои беа дел од овој престижен саем.
„ЕКОМОНДО“ е еден од најреномираните саеми во Европската Унија, каде што се присутни компании од целиот свет, чии деловни активности се фокусирани на зелени технологии, еколошки услуги, управување со отпад и води, алтернативни горива, биоенергија, циркуларна економија и одржливи градови. Во рамките на саемот делува и Центарот за истражување и иновации кој ги презентира најновите трендови и пронајдоци во оваа индустрија, чија цел е зајакнување на кружната економија преку примена на нови решенија што е во корелација со целите на „Зелениот договор“ на Европската Унија и глобалните цели за намалување на ЦО2 емисиите.
„Зајакнување на кружната економија преку развиен секторот за управување со отпад и зелени технологии е можен само преку креирање на одржлив систем кој континуирано ќе напредува. Отпадот е ресурс и на тоа се базира кружната економија. Ние иако имаме напредок, како држава ни престои уште многу работа. Македонските компании го имаат потребното знаење и искуство и преку поголема соработка со јавниот сектор ќе продолжиме да се залагаме за креирање на услови кои ќе овозможат раст. Присуството на овој саем придонесува за создавање на поцврсти контакти со компании кои имаат поголемо искуство и развиени системи и се надеваме дека преку зајакната соработка со нив ќе успееме да го забрзаме развојот на секторот и кај нас“, истакна Михаил Матески претседател на МАСВА, кој ја предводеше македонската делегација во Римини.
Покрај можноста за средби помеѓу компаниите во рамките на „ЕКОМОНДО“ се одржуваат и низа семинари и научни собири, а се дискутира и за политиката, регулативата и имплементацијата на директивите на Европската Унија од областа на кружната економија, управување со отпадот, алтернативните горива и креирање на зелени градови, заради што свое учество имаат и претставници на институции кои ги креираат политиките во овој сектор.
Македонската асоцијација за управување со отпад (МАСВА) е организација во која членуваат компании кои делуваат во секторот на управување со цврст отпад, а основана е во 2013 година. Од 2014 година МАСВА е членка на International solid wast asotiation ISWA. Преку своите активности МАСВА се залага за зајакнување и развој на секторот на управувањето со отпадот, употреба на алтернативни горива, поголема имплементација на принципите за кружната економија и искористување на економските потенцијали за овој сектор.
МАСВА е организација во која членуваат компании кои делуваат во секторот на управување со цврст отпад.