Македонската економија е жилава, но кризата мора да запре. Ова мислење, едногласно го поделија експертите и креаторите на фискалната и монетарната политика во земјава, пишува „Лидер“.
Во дебатата на ТВ Нова на оваа тема дебатираа Гувернерот на НБРМ Димитар Богов, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и универзитетскиот професор Томе Неновски. Велат место за паника нема, но во интерес на сите е политичката криза да се реши што побрзо.
Макроекономските фуднаменти на Македонија се толку зацементирни што ни земјотрес од 9 степени не може да ги сруши. Но политичкото опкружување е еден од најголемите фактори како за домашните,така и за странските инвеститори. Затоа и велиме што побрзо да се стабилизира ситуацијата и ќе можеме да го продолжиме инвестицискиот циклус кој го започнавме изминатиот период. Инаку и логично е сега да имаме некаква воздржаност кај инвеститорите, затоа што не знаат во која форма ќе ескалира кризата или брзо ќе заврши или ќе се радикализира, вели Неновски.
Политичката криза мора да има завршница
Како резултат на добрите економски политики, македонската економија досега даваше одлични резултати. Но, не постои економија во светот која може да издржи жестока политичка криза.
Фактите се дека политичката криза почна во 2015 година меѓутоа, можеби и во претходните години имаше латентна криза и таа криза во 2015-та, македонската економија добро ја издржа со раст што го остваривме од 3,7%, кој беше највисок во регионот и се покажа дека фундаментите на македонската економија се добро поставени. Главните економски политики се во корист на приватниот сектор, а тоа се одржувањето на добар бизнис амбиент,меѓу најдобрите во светот, ниските даноци, високите капитални инвестиции, поддршката на компаниите преку кредитирањето, координираноста меѓу монетарната и фискалната политика и мерките кои што се проектите како “Македонија Вработува“ и привлекувањето на странските инвестиции. Сето тоа создаде еден добар амбиент кој што се креираше долги години и работите беа добро поставени и токму затоа и покрај жестокоста на политичката криза, 2015 ја поминавме добро и влезот во 2016 –та. Првите два месеца во 2016 индустриското производство оствари просечен раст од над 11 %, во февруари беше 15 % највисок во последните неколку години. Извозот расте со стапка од 7% и други добри параметри, на пример, невработеноста е намалена од 38% на 24, 6%. Сето тоа зборува дека општите економски политики се добро поставени и приватниот сектор остваруваше добри економски резултати, но исто така тоа е факт, ако зборуваме за тоа што може да се случи од сега па натаму несомнено е дека не постои економија во светот која може да издржи политичка криза, посебно жестока политичка криза. Од тие причини важно е да заврши политичката криза, да се дојде до стабилна состојба која ке им овозможи на компаниите предвидливост за следните 4 години, да се знае какви ќе бидат политиките во следните 4 години, какви даноци и бизнис амбиент и се друго за планирање на инвестициските одлуки. Значи мора кризата да има завршница оти во спротивно и нај јаката економија не може да издржи политичка криза, вели Ставрески.
Меѓународните финансиски институции веруваат во македонската економија
ММФ ги објави проекциите и тука може да сметаме дека имаме независна дијагноза за македонската економија. Значи ММФ смета дека македонската економија годинава има потенцијал да расте со 3,6% што е значителен раст. Лани оставивме 3,7 % во доста сложени услови, што ја покажа цврстината на фундаментите на македонската економија. Значи и во такви неповолни услови економијата генерираше солиден раст. Поучени од тоа и меѓународните институции прогнозираат дека Македонија ќе го задржи тоа темпо на раст на економијата, но ако политичката криза ескалира и тоа трае до недоглед, секако тоа ќе има цена. Растот секако нема да биде 3,6% , секое одолговлекување си има своја цена, економијата не е имуна на таа несигурност, знаете дека и инвеститорите се чувствителни на амбиентот, а несигурноста ги тера да ги одложуваат инвестициите, дури и потрошувачите, секое домаќинство, ако има да потроши нешто, да направи нешто, ќе се замисли дали сега или ќе почека да се смири ситуацијата, вели Богов.
И кај домашните и кај странските инвеститори постои загриженост за состојбата, а најголемата штета ја трпат граѓаните кои очекуваат нови работни места и подобрување на стандардот.
Ние оддржуваме редовни контакти и со странските инвеститори и со домашните и кај сите постои загриженост за ситуацијата. Очекувањата беа дека ситуацијата ќе се разреши со изборите во април, тоа се помести за јуни и кај сите преовладува чувството дека е најдобро да се заврши со кризата преку избори кои ќе овозможат долгорочна предвидливост на економските политики. Политичкиот, финансискиот и економскиот амбиент во секоја држава се меѓусебно поврзани, стабилната политичка ситуација е основен услов за да одржат стабилни макроекономски политики за да има привлекување на странски инвестиции, а домашните инвеститори да се решат да ги вложат средствата. Од тие причини мора да сме свесни дека најголемата штета ја трпат граѓаните, односно оние кои очекуваат нови работни места, трпат фирмите бидејќи нивниот бизнис ќе почна да стагнира,а сето тоа е непотребно. Според Светската Банка во последниот извештај се кажува дека Македонија е лидер во регионот ММФ верува во потенцијалот, сите стапки на раст се движат од 3, 5 до 4 % . Тоа се солидни стапки на раст и сите имаат доверба во нас, затоа не треба самите да си правиме зло, вели Ставрески.
Гувернерот Богов истакна дека банкарскиот сектор е сигурен и стабилен и е здрав елемент во македонската економија. Банкарскиот сектор испорачува кредитен раст од 9 и 10 %, но оваа ескалација најверојатно ќе влијае на банките бидејќи тие работат со ризик и го пресметуваат ризикот, политичкиот ризик е тешко да се калкулира, или ќе се откажат од некои инвестиции вели Гувернерот.
Странските компании ја сменија структурата на извозот
Во последните години имаме позитивна приказна во тој извозен сектор, имаме нова група на претпријатија, нови инвестиции кои се исклучително и ориентирани и концентрирани во автомобилската индустрија и тие го влечат извозот напред, дури и во време кога традиционалната индустрија беше погодена од намалената побарувачка на нашите извозни партнери, нашиот извоз растеше како резултат на овие нови капацитети. Тие нови капацитети во прв момент не се директно поврзани со побарувачката на ЕУ, постојано имавме нови инвестиции кои ги немаше и сега имаме нов производ, нов извоз последните години. Нашиот вкупен извоз расте како резултат на новите капацитети, во последните неколку години имаме континуирано намалување на трговскиот дефицит, знаете дека трговскиот дефицит беше рак рана на македонската економија,но токму поради новите капацитети го сведовме трговскиот дефицит на стоки и услуги 16 % ОД БДП, што е историски најниска стапка, вели Богов.
Вицепремиерот и министер за финансии Ставрески истакна дека економските резултати беа најдобриот и најквалитетниот дел од работењето на Владата и помогнаа на најголем број граѓани, односно дека 150 илјади луѓе дошле до работа, а реализирани се бројни инфраструктурни проекти кои го подобрија квалитетот на живот. Политичката криза врши силен притисок, досега економија успешно го одби тој притисок и покажа отпорност и жилавост, но најдобро за сите, констатира Ставрески, е да се врати мирот и сигурноста. Македонската економија има добри потенцијали, во иднина ќе има продолжување на добрите политики и намалување на невработеноста, поддршка за земјоделците, нови инфраструктурни проекти, како и привлекување на странски инвеститори, вели Ставрески.
Неновски вели дека со добрата и позитивна деловна клима, ќе имаме развој на економијата, нови погони кои ќе отвораат нови работни места, ќе даваат плати и ќе плаќаат придонеси и во крајна линија сето тоа има ефект врз подобрување на животниот стандард. Ако состојбата ја погледнеме обратно, односно ако политичката криза потрае тогаш новите погони тешко дека ќе можат во таква динамика да ги остваруваат своите инвестици, новите вработувања ќе бидат ставени во неизвесна ситуација, а крајните негативни ефекти ќе ги трпи граѓанството.