Македонската фудбалска репрезентација поразена од Словачка

Репрезентацијата на Македонија го забележа петтиот пораз во квалификациите за Европското фудбалско првенство 2016, откако синоќа во Жилина со 2:1 загуби од Словачка.

Домаќините победата ја обезбедија уште во првото полувреме кога постигнаа два гола, првиот во 8.минута преку Корнел Салата, а стрелец на вториот погодок беше Марек Хамшик во 38.минута. Голот за Македонија го постигна Аријан Адеми во 69.минута.

Иако најавуваа можно изненадување против фаворизираниот противник, македонските фудбалери беа немоќни да ја спречат шестата победа од исто толку натпревари за Словаците кои сигурно чекорат кон пласман на првото за нив Европско првенство. Селекторот Љубинко Друловиќ не успеа во своето деби на клупата на Македонија да донесе позитивен резултат од едно гостување во овој квалификациски циклус.

Во првото полувреме „црвено-жолтите“ не создадоа ниту една шанса за гол, а по намалување на водството во вториот дел, кога се вратија надежите за избегнување на поразот следуваше исклучувањето на Ферхан Хасани (83.минута) по што домаќините рутинирано ги одиграа последните десетина минути.

И на другите две средби од 6.коло во „Ц“ групата победи за фаворитите: Белорусија – Шпанија 0:1 и Украина – Луксембург 3:0.

Табела: Табела: Словачка 18 бодови, Шпанија 15, Украина 12, Белорусија 4, Македонија 3, Луксембург 1.

 

Фото: МИА