Македонската и хрватската Царинска управа ќе ја унапредуваат соработката во борбата против криминалот

Унапредување на соработката меѓу македонската и Царинска управа на Република Хрватска е со цел пожестока борба и сузбивање на организираниот прекуграничен криминал во регионот. Ова е договорено меѓу директорите на двете царински управи, Бобан Николовски и Марио Демировиќ, на настанот во Центарот за напредни обуки при Царинската управа на Република Хрватска.

„Нашата безбедност се потпира на нашите способности за жестока борба со криминалот и сузбивање на нелегалната трговија. Притоа, унапредувањето на соработката со Царинските управи во регионот е од исклучителна важност за зголемување на безбедноста“, истакна Николовски.

На настанот по повод работната посета на Николовски, договорено е одржување на обуки со експерти од Хрватска, при што од наша страна ќе бидат пренесени искуствата во примената на системот за видео надзор и препознавање на регистарските таблички. Воедно, договорено е унапредување на соработката во делот на размената на информации за цели на истраги.

Николовски потенцира дека унапредувањето на институционалните капацитети е клучно за поголема ефективност во наплатата на приходи и сузбивање на прекуграничниот организиран криминал. Притоа, како што рече тој, Царинската управа работи и на зајакнување на К9 единицата со нови кучиња и обуки коишто ќе се вршат во континуитет.

Во рамки на настанот во Центарот за напредни обуки при Царинската управа на Република Хрватска, службениците извршија презентација на обуките што ги вршат во тамошниот центар со помош на опрема која служи како наставно помагало меѓу која и возила во кои е откриена разна криумчарена стока, од која најмногу наркотици. Воедно во тренинг центарот се наоѓа и К9 тренинг полигонот како и одгледувачница за идните службени кучиња.