Македонската компанија „Сајтрокс“ под санкции од САД поради „Предатор“

Американското Министерство за финансии денеска објави дека санкционирало две лица и комерцијална компанија за шпионски софтвер со седиште во Грција, предводена од поранешен израелски воен офицер, која развивала, управувала и дистрибуирала технологија што се користи за таргетирање на американски владини претставници, новинари и експерти за политика.

Меѓу санкционирание е македонската компанија „Сајтрокс“ АД како и Сајтрокс Холдинг ЗРТ со седиште во Унгарија и Талестрис Лимитид со седиште во Ирска, сите поврзани со конзорциумот Интелек, за кој САД велат дека продавал и дистрибуирал комерцијален шпионски софтвер и алатки за надзор за насочени и масовни кампањи за надзор.

Претставници на администрацијата на Бајден изјавија дека ова е првпат Министерството за финансии да санкционира луѓе или субјекти за злоупотреба на шпионски софтвер.

„Предатор“ му овозможува на корисникот да се инфилтрира во електронски уреди преку напади без кликнување кои не бараат интеракција на корисникот за шпионскиот софтвер да го зарази уредот. Шпионскиот софтвер, кој се користи во десетици земји, овозможи неовластено преземање податоци, следење на геолокацијата и пристап до лични податоци на компромитирани уреди.

„Денешните дејства претставуваат опиплив чекор напред во обесхрабрувањето на злоупотребата на алатките за комерцијален надзор, кои се повеќе претставуваат безбедносен ризик за Соединетите Американски Држави и нашите граѓани“, изјави Брајан Нелсон, потсекретар за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии.