Македонската понуда за напредокот кон ЕУ треба да биде елиминирање на криминалот, сиромаштијата и невработените

Не знам дали ќе има словенечки предлог за преговорите за придружување кон Евроспката унија, но сигурен сум дека мора да има македонска понуда која ќе опфаќа да не сме на 111-то место по криминал и корупција, да имаме посилна економија, реформирано образование, навремена набавка на вакцини, а со тоа би си ја завршиле домашната задача, изјави во четвртокот лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, гостувајќи во „Темата на денот“ на централниот дневни на телевизија Сител.

„Ако некој има проблем со она коешто јас го зборувам, подготвен сум да дебатирам, го повикав во вашето студио Зоран Заев да излеземе на дебата, но тој не се охрабри. Рече да заврши самитот, еве заврши и повторно ја реактуелизирам таа покана на еден дуел да разговараме што е вистината, граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината“, порача Мицкоски.

Рече дека не може повеќе да се зборува за ткн португалскиот предлог за решавање на македонско-бугарскиот спор односно надминувањето на ветото од страна на Софија, кога тој е одбиен уште со самото негово поднесување, како и дека тоа е „завршена работа“.

„Словенечки предлог не знам дали ќе има, но треба да имаме македонска понуда, а таа е да не сме 111-ти според криминал и корупција на Транспаренси Интернешнл, да немаме најмногу починати од коронавирус и веќе требаше да седнеме да размислиме како да донесеме вакцини за следниот бран од септември па натаму, да имаме силна економија, да имаме реформирано образование, ако таа понуда не ја дадеме, односно ако не си ја завршиме домашната задача, да немаме притиснати обвинители и корумпирани судии“, рече Мицкоски.

Челникот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека Македонија мора прво да ги среди овие работи, затоа што се’ останато може да се реши, но за да се решат овие проблеми треба многу работа, креативност, знаење и визија, кои работи власта ги нема.