Македонската собраниска делегација учествува на летната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа ПССЕ во Стразбур. Македонската парламентарна делегација, повторно се врати во работата на паневроското собрание во кое заседваат парламентарци од 47 земји членки на Советот на Европа, откако отстуствуваше од пролетната сесија поради самораспуштањето на македонското собрание, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во делегацијата се наоѓаат пратениците Александар Николоски, шеф на Делегацијата, Рената Дескоска, Имер Алиу. Секој од нив изутртинава веќе зеде учество на состаноците на нивните политички групи.
Инаку, централни теми на летната сесија се миграциите и бегалската криза во Европа, односно мигрантите во опасност во Грција и функционирањето на демократските институции во Турција.
Меѓу другите точки на дневниот ред се извештаите за транспарентноста и отвореноста на европските институции, административниот притвор, културата и демократијата, образовните и културните врски на заедниците кои живеат во странство, сексуалната експлоатација на децата, жените во вооружените сили-промовирање еднаквост и ставање крај на насилството врз родова основа, парламентарниот имунитет на парламентарците во ПССЕ.
Пред ПССЕ во среда ќе се обрати премиерот на Грција, Алексис Ципрас, министерот за надворешни работи на Естонија Марина Калјуранд, во својство на претседавач со Комитетот на министрите, премиерот на Естонија, Тави Роивас, како и генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, кој попладнево ќе одговара и на пратенички партии, а ќе се разгледуваат и други актуелни теми.
Шефот на македонската делегација во ПССЕ на оваа сесија е поканет како потпретседател на Парламентарното собрание да претседава на попладневната сесија на 22 јуни кога ќе се дебатира за административниот притвор, културата и демократијата и образовните и културните врски на заедниците кои живеат во странство.