Македонската туристичка понуда претставена во „Тајмс“

Британскиот весник „Тајмс“ ја наведе Македонија како „восхитувачка туристичка дестинација“ во листата во која се наброени и лагуни во Исланд, францускиот гастрономски замок Белет и луксузни одморалишта во Дубаи.

Понудата на која „Тајмс“ се фокусира во Македонија е компанијата Шар Аутдорс, која нуди ски- авантури на Шар Планина.

– Формирана од група на домашни авантуристи, кои израснале во македонските планини, Шар Аутдорс овозможува адреналински уживања. Тие добро го познаваат задоволството на скијање по длабок снег, низ недопрени терени и со задоволство ќе ве понесат на скијање, планинарење, возење со електрични велосипеди или истражување на планината со сродни посетители, пишува „Тајмс“.

Весникот додава дека 16-те водичи на Шар Аутдорс имаат меѓу 6 и 10 годишно искуство во организирање тури низ планината и применуваат високи безбедносни стандарди за своите посетители.

Прилогот е илустриран со фотографија од една од нивните типични авантури – посета на недопрени делови на планината со ратрак, по што гостите можат да скијаат низ длабок снег.