Педесет и седумгодишен жител на Струмица, како и уште еден хрватски државјанин, загинаа во сообраќајна несреќа што во средата вечер се случила на автопатот во близина на Винковац, Хрватска.
Хрватските медиуми јавуваат дека несреќата се случила околу 21,30 часот. Струмичанецот возел камион „мерцедес“ кога при разминување со друг камион со српски таблички му бил оштетен ретровизорот. Македонецот застанал покрај патот и излегол од возилото за да разговара со возачот на другиот камион, кој исто така се паркирал.
Малку пред да се доближи пред другото возило, на 57-годишниот камионџија налетал автомобил „опел астра“ со вуковарски таблички. По ударот во камионџијата автомобилот се забил во камионот од Србија. Во несреќата загинал и возачот на „астра“-та.