На крајот од работната посета на Велика Британија, премиерот Никола Груевски, денеска во Манчестер го посети медицинскиот центар Кристи, кој преставува најголем онколошки центар во Европа и една од најнапредните болници за третирање и рано откривање на канцер.
Груевски оствари средба со раководството на болницата како дел од заложбите на Владата за остварување на соработка со врвни медицински центри и размена на медицински персонал со цел унапредување на знаењата и зголемување на искуството, а при посетата беше постигната согласност од страна на медицинскиот центар за обука на наши лекари во оваа болница.
„Ја посетивме врвната болница во Манчестер, тоа е државна болница и позната во цела Англија по успешноста во третмани и во рано откривање на канцер. Имавме можност да разговараме со раководните луѓе и да договориме соработка во правец на тренинг на нашите лекари за најсовремените методи пред се’ за третман на канцер, но ќе биде можна соработка и на други полиња, истакна Груевски.
Премиерот Груевски истакна дека болницата има 40 илјади пациенти годишно и важи за еден од најнапредните медицински центри во Англија за третман на канцер во која се лекуваат пациенти од цела држава, но и од странство. Тој посочи дека се работи за една од најнапредните болници што се гледа и во високиот процент на преживување на пациенти споредено со другите болници.
Истакна и дека менаџментот на болницата изразил согласност во иднина лекари и медицински персонал од Македонија да престојуваат и работат во оваа болница онолку време колку што е потребно за да ги изучат современите методи, како за откривање, така и за третман на пациенти заболени од канцер.
Директорот на медицинскиот центар Кристи од Манчестер, Роџер Спенсер, истакна дека болницата има долга историја на грижа за пациенти заболени од рак и на тоа поле ги има едни од најдобрите резултати.