„Македонски манифест“ и „СМК“: ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на Македонија!

Светскиот Македонски Конгрес и Македонскиот Манифест, загрижени за историската опстојба на Македонската држава и Македонската нација, објавија Декларација за одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на Македонската нација.

Во продолжение ви ја пренесуваме Декларацијата во целост:  

            ИМАЈЌИ предвид дека Македонија нема сложено име составено од два или повеќе збора, дека Македонија нема име за внатрешна употреба и име за надворешна односно меѓународна употреба, дека Македонија нема уставно име бидејќи тоа не е инаугурирано со Уставот, туку името на државата е милениумско историско наследство во континуитет и се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија и за дома и за целиот свет, затворено со референдумот од 8.IX.1991 година кога Македонскиот народ и државјаните на Македонија во апсолутно мнозинство гласаа “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА“ без додавки и без придавки, а одлуката на референдумот е задолжителна. 

            ПОТВРДУВАЈЌИ дека Македонците немаат територијални претензии кон Грција, ниту државното име Македонија имплицира територијални претензии, констатирано во Декларацијата на Советот на министрите на Европската Заедница (ЕЗ) од 16.XII.1991 година по предлог на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија на ЕЗ составена од претседателите на уставните судови на пет земји членки на ЕЗ на чело со претседателот на Уставен суд на Франција, Робер Бадентер дека “Македонија ги исполнува условите од Насоките за признавање на новите држави во Источна Европа и во Советскиот Сојуз“ и во Декларацијата за поранешна Југославија дека “употребата на името Македонија не содржи какви било територијални претензии кон друга држава“.

ПОВИКУВАЈЌИ СЕ на амандманите I и II на Уставот на Македонија од 6.I.1992 година со коишто членот 3 се дополни со “Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави“, а членот 49 се дополни со нов став дека Републиката во грижата за положбата и правата на припадниците на Македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија “нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

ПОТСЕТУВАЈЌИ дека Собранието на Република Македонија со Декларацијата од 3.VII.1992 година: (1) го оцени за неприфатлив и го отфрли делот од Декларацијата на Европскиот совет на Европската заедница за поранешна Југославија, усвоена во Лисабон на 27.VI.1992 година, што се однесува за признавањето на Република Македонија “со име што нема да го вклучува терминот  Македонија”; (2) потврди дека “името Македонија е основа на Македонскиот народ кој претставува мнозинство во Република Македонија и со неговото негирање се врши дискримианција врз тој народ и националностите кои живеат со него“; и (3) побара од “Организацијата за безбедност и соработка во Европа, Обединетите Нации и нејзините членки, меѓународно да ја признаат Република Македонија со нејзиното име и во постојните граници“.

ЗНАЕЈЌИ дека со Резолуцијата 817/1993 од 7.IV.1993 година на Советот за безбедност и со Резолуцијата 47/225 од 8.IV.1993 година на Генералното собрание е утврдено дека Македонија со апликација S/25147 ги исполнува условите од членот 4 на Повелбата на Обединетите Нации за членство во оваа меѓународна организација, но додека траат разговорите за разликата за државното име меѓу Македонија и Грција, само во системот на Обединетите Нации времено ќе и’ се обраќаат како “поранешна Југословенска Република Македонија“ што не претставува меѓународно име чијашто замена се прејудицира и договара.

ИМАЈЌИ ГО предвид членот 11 од македонско-грчката Привремена согласност од 13.XI.1995 година, склучена со посредство на специјалниот претставник на Генералниот секретар на Обединетите Нации, Сајрус Венс, според којашто “Грција се согласува да не приговара на пријавата за членство и на членството на Македонија во оние меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации во кои Грција е членка, но Грција само го задржува правото да приговара за секое горенаведено членство ако и доколку на Македонија не и’ се обраќаат со временото обраќање во Обединетите нации“, и 

            ПОАЃАЈЌИ од пресудата на Меѓународниот суд во Хаг од 5.XII.2011 година по тужба на Македонија од 17.XII.2008 година против Грција за прекршување на членот 11 од македонско-грчката Привремена согласност од 13.XI.1995 година, со којашто се суспендира суспензивното право на Грција за членство на Македонија во сојузи на држави и меѓународни организации под државното име Македонија, а Грција го задржува правото само да протестира доколку не’ примат во членство и ни’ се обраќаат под државното име наместо временото орбаќање во Обединетите Нации, 

            (1) Отфрламе референдум, ратификација на меѓународен договор и промена на Уставот заради промена на името на државата Македонија и идентитетот на Македонската нација! 

            Нов референдум за името на државата не значи одбрана, туку негова трајна промена, а промената на името на државата значи трајна промена на идентитетот на нацијата, затоа што по меѓународното право името на националноста по автоматизам произлегува од името на државата! 

            Промената на името на државата не претставува демократија, слобода на мисла и нејзино јавно изразување, туку флагрантно кршење на Уставот, Повелбата на Обединетите Нации, Универзалната декларација за човековите права и на меѓународното право, најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз Македонскиот народ и злосторство против човештвото што не застарува! 

            Името на државата и идентитетот на нацијата не се малцинско прашање, туку неотуѓиво, неотстапно и неприкосновено веќе апсолвирано право на самоопределување и самоидентификација на Македонскиот народ! 

            Македонците, во татковината, во соседните држави на Република Македонија и во светот, никогаш нема да прифатат било каква промена на името на државата и идентитетот на нацијата и тие за нив засекогаш ќе бидат ништавни и неважечки!

            (2) Бараме безусловен крај на разговорите за разликата за државното име со Владата во Атина и продолжување на членството во Организацијата на Обединетите Нации под државното име Македонија, со можност за употреба на уставната додавка Република, како јасна разлика од истоимената северна провинција во Грција и југо-западна провинција во Бугарија, без латинична транскрипција на Македонскиот јазик (Republika Makedonija), туку на англиски јазик (Republic of Macedonia), со меѓународниот код МК односно МКД и нотификација на Македонскиот народ и Македонскиот јазик, независно од историските хипотеки од Балканските војни 1912-1913 година – окупацијата врз Македонија и геноцидот врз Македонскиот народ кои се’ уште траат!

Бараме Претседателот на Република Македонија веднаш: (1) Да упати нота до Генералниот Секретар на Организацијата на Обединетите Нации дека за Македонија разговорите за разликата за државното име со Владата во Атина се завршени, и (2) Да предложи Резолуција до Генералното Собрание за продолжување на членството во Организацијата на Обединетите Нации под државното име Македонија 

            (3) Отфрламе пристапување на Македонија во сојуз со Европската Унија и НАТО Алијансата поради антимакедонизмот на Грција и Бугарија, грчкиот и бугарскиот геноцид врз Македонскиот народ и наци-фашистичкото барање на Грција за промена на името на државата Македонија, и наци-фашистичкото барање на Бугарија за промена на јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ, како вредност за солидарност на Брисел и Стразбур со Атина и Софија.

ЕУ и НАТО не се достојни за промена на името на државата и идентитетот на нацијата!

(4) Предлагаме историско помирување на Македонскиот народ со соседните народи и склучување договори за траен мир и добрососедство на Македонија со соседните држави, врз принципот на еднаква сувереност што подразбира заемно почитување и соработка по сите прашања од заеднички интерес и немешање во внатрешните работи. 

            (5) Иницираме активен мултилатерализам и соработка со сите врз принципот на еднаква сувереност, преферираме евро-атлантска и евро-азиска соработка, отфрламе пристапување во воени сојузи, но сметаме дека доколку ЕУ и САД вршат обид за дестабилизација и контролирана нестабилност на Македонија заради суспензија на руските и кинеските инвестиции, Руската Федерација и Кина како постојани земји членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации треба да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитетот на Македонија.

(6) Оваа Декларација се доставува до: Претседателот, Собранието, Владата и парламентарните партии на Република Македонија; претседателите, парламентите и владите на земјите членки на Европската Унија, НАТО и ООН; како и до ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО, Евро-Азиската Унија, БРИКС и ООН!