Светскиот Македонски Конгрес и Македонскиот Манифест, загрижени за историската опстојба на Македонската држава и Македонската нација, објавија Декларација за суверенитетот, унитарноста и државноста.
Ви ја пренесуваме Дeкларација во целост:
ИМАЈЌИ предвид дека Македонија е унитарна држава во која носител на државноста е Македонскиот народ, а суверенитетот којшто произлегува од сите и им припаѓа на сите е неделив, неотуѓив и непренослив,
ПОТСЕТУВАЈЌИ дека прашањето за името на државата е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога Македонскиот народ и македонските државјани во апсолутно мнозинство гласаа “ЗА СУВЕРЕНА И САМОСТОЈНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА” без додавки и без придавки, а одлуката на референдумот е задолжителна за сите,
СВЕСНИ дека војната во 2001 година не беше војна меѓу Македонците и Албанците, ниту војна меѓу православните и муслиманите, туку симулирана војна на Соединетите Американски Држави за имплементација на нивни глобални итнереси за свои сфери на влијание на овие простори,
ЗНАЕЈЌИ дека Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година целосно е имплементиран во Уставот и законите на државата Македонија,
УКАЖУВАЈЌИ дека припадниците на ниту една малцинска етничка заедница не се повеќе од 20% во вкупното население, притоа знаејќи дека пописните резултати од 2002 година беа фалсификувани, поради што и Државната пописна комисија си поднесе оставка, а пописот во 2011 година се прекина, исто така, поради груб фалсификат на теренот,
ПОТВРДУВАЈЌИ дека малцинските етнички заедници во Македонија ги уживаат човековите и граѓанските права и слободи по највисоките меѓународни стандарди, притоа сите се еднакви пред Уставот и законите независно од етничката припадност, верското уверување, социјалниот статус и општествената положба, и
ПОВТОРУВАЈЌИ дека името, грбот, знамето и химната на државата не се малцински права туку неотуѓиво, неприкосновено и неотстапно веќе апсолвирано право на самоопределување и самоидентификација на Македонскиот народ,
(1) Потсетуваме дека на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е само Македонскиот јазик и неговото кирилско писмо!
(2) Бараме, само во единиците на локалната самоуправа во кои како мнозинство живеат припадниците на малцинските етнички заедници, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, да биде и јазикот и писмото на малцинската етничка заедница на начинот утврден со закон, во согласност со меѓународните и европските стандарди.
(3) Сметаме дека со Закон треба да бидат утврдени општините во кои покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, во службена употреба е јазикот и писмото на малцинската етничка заедница.
(4) Ја отфрламе таканаречената “тиранска платформа“ како геноциден акт којшто претставува грубо мешање на Тирана и Приштина во внатрешните работи на Македонија!
(5) Отфрламе двојазичност на територијата на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи!
(6) Сметаме дека Законот за употребата на јазиците на малцинските етнички заедници, донесен на 13 август 2008 година година, претставува најширока основа за остварување на јазичните права во согласност со членот 7 од Уставот на Македонија.
(7) Најостро протестираме до Владата и министерствата поради злоупотреба на јазичните права во општините каде што најмалку 20% од граѓаните говорат друг јазик различен од македонскиот јазик и бараме строга примена на Уставот и законите. Притоа, потсетуваме, дека граѓаните самите избираат на кој јазик ќе ги добијат документите од локалната и државната администрација и дека само Македонскиот јазик е задолжителен за сите, а локалната власт нема право документите задолжително за сите граѓани да ги издава на македонски јазик и на јазикот на кој говорат најмалку 20% од граѓаните, спротивно на нивното барање.
(8) Сметаме дека со јазичните привилегии на албанската малцинска етничка заедница, се врши дискриминација на останатите малцински етнички заедници и на државјаните на Република Македонија!
(9) Сметаме дека за употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во општините и градот Скопје, не треба да одлучуваат советите на општините и градот Скопје, туку треба да се донесе Закон во Собранието на Република Македонија!
(10) Отфрламе промена на името, грбот, знамето и химната на државата по барање на малцинските етнички заедници.
(11) Отфрламе редефинирање на суверенитетот, унитарноста и државноста што подразбира двојазичност на целата територија, бинационалност и функционална или територијална федерализација и кантонизација, со цел дезинтеграција на Македонија.
(12) Повторуваме дека никогаш не е извршен геноцид врз Албанците на територијата на Македонија, посебно не во периодот од 1912-1956 година и отфрламе усвојување на резолуција во Собранието на Република Македонија по тоа прашање како грубо искривување на историската вистина.
(13) Не прифаќаме интегрирано гранично управување со Косово и Албанија.
(14) Ги повикуваме Албанците да отфрлат авантура за војна со Македонците, бидејќи може да изгубат се’, а ништо повеќе од тоа што досега го имаат да добијат!
(15) Предлагаме македонско-албанско помирување со Тирана и Приштина, како и договори за траен мир и добрососедство меѓу Македонија со Албанија и со Косово и договори за положбата и правата на Албанците во Македонија и на Македонците во Албанија, како и за Македонците на Косово, на реципроцитетна основа – што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија и во Косово!
(16) Бараме државна стратегија и мерки за заштита на унитарноста и етничката и верската карта на Македонија, бидејќи не постојат територијални решенија на етничките прашања, бараме спречување на тивкото етничко чистење врз Македонците во северо-западниот дел од државата, и спречување на насилствата и агресијата врз мнозинскиот Македонски народ во Македонија!
(17) Бараме ревизија на издадените македонски државјанства на државјаните на другите републики на поранешна СФР Југославија кои на 17 ноември 1991 година имале пријавено живеалиште на територијата на Република Македонија, а немале државјанство на Република Македонија, бараме поништување на незаконски издадените македонски државјанства и протерување на нивните иматели од територијата на Република Македонија!
(18) Бараме ревизија на денационализацијата и приватизацијата по основ на денационализација.
(19) Бараме Владата во Тирана да ги воспостави дипломатските односи со Македонија под нејзиното државно име и да усвои уставен амандман дека “Албанија нема територијални претензии кон соседите“, соодветно и Приштина да усвои уставен амандман дека “Косово нема територијални претензии кон соседите“, како што тоа го стори Македонија во 1992 година.
(20) Оваа Декларација се доставува до: Претседателот, Собранието, Владата и парламентарните партии на Република Македонија; претседателите, парламентите и владите на земјите членки на Европската Унија, НАТО и ООН; како и до ЕУ, Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО, Евро-Азиската Унија, БРИКС и ООН!