„Македонски шуми“ дава 10 отсто попуст за огревно дрво купено во готово

Јавното претпријатие „Македонски шуми“ ги намали цените на огревното дрво за 10 отсто за сите граѓани и за 15 отсто за корисниците на социјална помош, со услов потребните количини на дрво да ги платат во готово и да ги купат во складовите на претпријатието.

Попустот важи од денеска до 30 септември годинава.

Кубен метар буковото огревно дрво купен во складовите на „Македонски шуми“, со попустот, за сите граѓани ќе чини 2133,60 денари, додека пак за корисниците на социјална помош ќе чини 2015,03 денари.

Корисниците на социјална помош кои ќе сакаат да купат огревно дрво ќе треба да понесат и потврда дека се корисници на ваква помош од соодветна институција.

„По намалени цени ќе можат да купат буково огревно дрво физички лица кои ќе извршат целосна уплата на потребната количина во износ од 10 отсто од цената утврдена со Ценовникот на претпријатието. На купувачите припадници на категоријата социјални случаи кои ќе извршат целосна уплата на потребната количина буково огревно дрво, им се одобрува рабат во висина од 15 проценти од износот на утврдената цена за количина до пет метри кубни“, појаснуваат од ЈП  „Македонски шуми“.