„Македонски шуми“ ќе гради фабрика за пелети

пелети

На прес-конференција Караџоски соопшти дека веќе се изработува физибилити студија за редефинирање на стопанисувањето со дрвна маса, измена на ценовникот и воведување нова категорија – долго дрво во која ќе влезе производството на пелети, брикети и дрвен чипс.

Се подготвува, додаде директорот, и бизнис план за изградба на фабрика за пелети која ќе биде сопственост на претпријатието.

Очекуваме во 2017 година да излеземе со конкретни документи и почеток на постапки и за изградба на фабриката, но и за јавно-приватно партнерство за производство на пелети за што има голем интерес, нагласи Караџоски.

Според него, на јавниот повик за купување дрвни сортименти и огревно дрво објавен пред еден месец, интересот е задоволителен, но во претстојниот период, до 31 мај, се очекува да биде интензивиран.

Генерално очекуваме продажбата да биде најмалку на ланско ниво или поголема. На тоа влијае и транспарентноста во процесот што ја практикуваме веќе втора година. Всушност, тоа е и нашата определба, основниот предуслов – продажбата да биде максимално транспарентна, да бидеме достапни до граѓаните, отворени, да овозможиме јавно информирање и објавување на повиците со единствена цел, тие да бидат квалитетно и навремено снабдени, подвлече директорот.

Тој ги повика сите правни субјекти кои имаат регистрирани складови и сакаат дрва за продажба, да аплицираат во „Македонски шуми“. Рокот е до 31 март, но мора да бидат исполнети неколку услови.

Продажбата се дели на три категории: правни субјекти кои имаат регистриран склад за промет на дрво и дрвни сортименти и кои вршат услуги за сеча, дотур и превоз на дрвни сортименти за „Македонски шуми“, правни субјекти кои имаат регистриран склад за промет на дрво и дрвни сортименти и имаат договори со купувачи – здруженија на пензионери, синдикални организации, локална самоуправа и други држани органи, како и правни субјекти кои имаат регистриран склад за промет на дрво и дрвни сортименти, објасни Караџоски.

Првите можат да купат огревно дрво од шумските складови на подружниците на Македонски шуми и тоа максимум една четвртина од вкупната количина дефинирана во договорите за услуги, вторите можат да купат огревно дрво од складовите на Македонски шуми ако имаат склучено договори за продажба со наведените категории купувачи, а третите можат да купат огревно дрво по пат на јавно наддавање.

Одговорајќи на новинарски прашања, Караџоски рече дека годишниот прираст е 1,9 милиони метри кубни дрвна маса, а ЈП „Македонски шуми“ ја заокружило 2016 година со прилив од околу 1,8 милијарди денари.