Две милијарди денари нето добивка остварил Македонски Телеком во текот на 2013 година и при тоа го задржува лидерското место на телекомуникацискиот пазар во земја.
„Во текот на 2013 година, приходите од продажба на ниво на Групација изнесуваат 12,4 милијарди денари што претставува намалување од девет отсто во споредба со 2012 година. Оперативните трошоци се намалија за 5,2 отсто, додека вкупните капитални инвестиции (CAPEX), изнесуваат 3,2 милијарди денари. Нето добивката изнесува 2,0 милијарди денари и е намалена за 47,3 отсто во споредба со минатата година. Но, и покрај негативните трендови Македонски Телеком останува силен лидер на пазарот со 69 отсто удел во сегментот на фиксна телефонија и 52,5 отсто во широкопојасен интернет“, се вели во информацијата од Телеком.
Наспроти падот на приходите од говорните услуги во фиксниот сегмент, што е тренд и на Европско ниво, приходите од Интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) се зголемиле за 6,1 отсто, во споредба со истиот период од минатата година. Македонски Телеком има најголем удел и на ТВ пазарот од 21 отсто (интерна проценка), што е резултат на високиот квалитет на услугата, интерактивноста и уникатното ТВ искуство, заради што бројот на корисници на IPTV на крајот на 2013 изнесува 88 илјади, што е пораст од дури 32,6 отсто.
„Големиот пораст на приходите на полето на интернет и IPTV, лидерството на ТВ пазарот, каде влеговме како предизвикувачи на доминиран пазар, зборува за нашата силна определба да бидеме иновативни и секогаш свртени кон новите трендови и текови, но и да вложиме во нив. Токму ова го надминува падот на говорните услуги и ја докажува нашата лидерска позиција и довербата на корисниците“, изјави Андреас Маиерхофер, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Фокусот на double и triple play пакетите донесе зголемување на DSL корисниците за дури 7,8 отсто со што корисничката база на крајот од 2013 година е 186 илјади DSL корисници.
Бројот на корисници на фиксната телефонија на крајот од 2013 година е намален за 8,5 отсто во споредба со 2012 година, со што корисничката база изнесува 267 илјади корисници.
„Приходите од класичните услуги, како што се говор и СМС опаѓаат, тоа е светски тренд и ги погодува сите телекомуникациски компании. Силната конкуренција, исто така, придонесува за постојан пад на цените и намалување на приходите. Но, сепак и покрај негативните трендови, Т-Мобиле останува број еден на македонскиот пазар, што зборува дека нашата стратешка посветеност на супериорноста на мрежата и на иновативните услуги на новата генерација е во вистински правец“, изјави Жарко Луковски, Главен извршен директор на Т-Мобиле Македонија.
Во мобилната телефонија, Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот и покрај силното конкурентно опкружување со удел од 47,5 отсто (интерна проценка) и 1,2 милиони корисници. Приходите од говорни мобилни услуги во 2013 година се намалени за 15,5 отсто како резултат на намалувањето на тарифите. Продолжи трендот на зголемено користење на мобилните услуги, при што во пакетите за иста цена се опфаќаат сé повеќе минути. Следствено се намалува и просечниот приход по корисник (ARPU) за 10,8 отсто. Како резултат на зголемената побарувачка на мобилен интернет, но и намалениот број на испратени СМС пораки, приходот од неговорните услуги има зголемување од 1,5 отсто.