Македонски уметници на Фестивал на Франкофонијата „Солеј” во Бугарија

Уметници од Македонија ќе учествуваат на петтиот Фестивал на Франкофонијата „Солеј” што се отвора денеска во градот Созопол, Бугарија.
Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија во рамките на презентацијата на културата од нашата земја, ќе ја претстави групната изложба „Конекција 2″, со која и официјално на 3 јуни се отвора годинешниов фестивал.
На изложбата со свои ликовни дела ќе се претстават ликовните уметници Марјан Ѕин, Иво Пецов, Адриана Јованоска, Слободан Милошески, Зоран Мише, Павел Целкоски, Иван Стоименов, Горан Тричковски, Јованчо Ристовски, Ице Огненовски и Јовица Миленов. Постановката официјално ќе ја отворат градоначалникот на Општина Созопол Панајот Рејзи, директорката на фестивалот Александрина Исајлова и директорот на македонскиот културен Центар во Бугарија, Васко Шутаров.
На фестивалските денови кои ќе бидат отворени до 9 јуни останатите држави ќе се претстават со концерти на традиционална музика, џез концерти, филмови, изложби како и со специјалитети од нивните традиционални кујни.
Ова е прво учество на македонски ументици на овој меѓународен фестивал на кој годинава со своја програма ќе се претстават уметници од Франција, Белгија, Бугарија, Романија, Мароко и од Либан.