Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, во изминатите два дена оствари средби со највисоките претставници на Европската Комисија и на Европскиот парламент, како и средби со неколкумина министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев ги сумираше резултатите од средбите на нашата владина делегацијата во изјава за медиумите.
Изјавата на премиерот Заев ви ја пренесуваме во целост:
„Почитувани граѓани,
Оваа недела сме во интензивна европска работна агенда на релација Скопје – Брисел – Мадрид – Атина. Денес Ви се обраќам од Мисијата на Македонија, тука од срцето на Европската Унија, од Брисел.
Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во било која друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори.
Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме.
Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина.
Ние имаме и гордост и сопствен идентитет. Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту било која друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка.
Заедно сме со нашите европски пријатели. Дишеме, живееме и растеме заедно со европските идеи и вредности. И знаеме дека мораме да се движиме заедно и напред, само така е европски. Ние сме за мобилност, а не за ѕидови!
На овој заеднички пат, секој треба да си ги заврши своите обврски – Македонија многу сработи, испорачавме реформи, испорачавме и правда – време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас.
Почитувани граѓани, народе мој, Европската агенда продолжува, од Брисел кај нашите пријатели во Мадрид Шпанија, а после тоа и на економскиот форум Делфи во Атина, Грција. Европскиот пат е пат на соработка и меѓусебно разбирање“.