Македонскиот народен театар на III Балкански театарски фестивал во Благоевград 

По учеството на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“ во БиХ, Македонскиот народен театар повторно со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, ќе учествува на III Балкански театарски фестивал во Благоевград, Р Бугарија.Оваа година драмскиот театар „Никола Вапцаров“ од Благоевград ги селектираше  најдобрите претстави од Балканот, меѓу кои е и нашата претстава „Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Григор Јовановски. Претставата ќе се одигра на 5 ноември, а програмата од 1 до 7 ноември оваа есен е насочена кон извонредни театарски достигнувања и вклучува и претстави од: Р Романија, Р Србија,  Р Бугарија и Р Словенија. 

Балканскиот театарски фестивал е еден од најголемите настани во културниот календар на Благоевград и има сериозни предуслови да стане водечки меѓународен културен форум на Балканот.Традиционално, фестивалот вклучува и програма со размена на проекти на млади режисери, изложби, концерти и дигитални инсталации.