Заслугата на Блаже Конески за кодификацијата на македонскиот литературен јазик е во тоа што создал „Граматика на македонскиот литературен јазик“, „Речник на македонскиот литературен јазик“, како и „Правопис на македонскиот литературен јазик“, подготвен заедно со Крум Тошев, кој е озаконет на 7 јуни 1945, или пред 75 години
„Јазикот е наша татковина“, рече основоположникот и кодификатор на современиот македонски јазик Блаже Конески оставајќи ни трајна порака за негово зачувување, негување и унапредување како еден од столбовите на нашиот идентитет.
„Послушајте Македонци! Бидете на штрек пред секакви ‘правни’ диверзии, од каде и да идат, со кои се фрла кал на нашите свети датуми и нашите постигања. За нас повеќе отколку за сите други во светот јазикот претставува, со сè што е на него создадено како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина, тој е заправо единствената наша комплетна татковина…“, Блаже Конески.
Во време кога многу се зборува за македонскиот јазик, а особено во медиумите кога многу гласно се штити од нападите кои воскреснуваат од време на време од оваа или онаа страна, една од алатките за негова заштита е неопходното познавање и примена на правописот на македонскиот јазик.
Јазикот е жива материја, во која се рефлектира секоја нова појава од севкупното човеково живеење, а правописот на секој јазик е збир на правила за писмено претставување на самиот јазик.
„Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш исто така како што е наша татковината. Првите гласови што ги имаме чуено се гласовите на нашите татковци и мајки, гласовите и зборовите на нивниот народен јазик. Преку нив ние ја добивме нашата прва духовна храна, зашто со нив се осмислуваше сe што гледавме со нашите очи. Со народниот јазик ние ја освојуваме психологијата на нашите татковци и предедовци и стануваме нивни духовни наследници, како што сме со снагата нивни телесни продолжувачи. Ако се однесуваме со презир кон народниот наш јазик, ние само им враќаме со неблагодарност на нашите родители за сето нивно духовно гледање и воспитание“, Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“.
Правописот и правоговорот на македонскиот јазик, познати како ортографија и ортоепија, се стандардните јазични норми на секој јазик со кои се наведува правилниот говор и правилното пишување. Под правопис се подразбира правилен начин на пишување т.е. правилна употреба на графичките знаци и на интерпункцијата во даден јазик, како и правилна примена на сите законитости според кои се утврдуваат правилата.
На Првото заседание на АСНОМ, 2 август 1944, е донесено решение за воведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Комисијата за јазик и правопис своите ставови ги формулирала во Резолуција донесена на 3 мај, а усвоена на 5 мај 1945 година. Заслугата на Блаже Конески за кодификацијата на македонскиот литературен јазик е во тоа што создал „Граматика на македонскиот литературен јазик“, „Речник на македонскиот литературен јазик“, како и „Правопис на македонскиот литературен јазик“, подготвен заедно со Крум Тошев, кој е озаконет на 7 јуни 1945.
Правописот на македонскиот јазик од моментот на својата стандардизација претрпел неколку измени, односно имало мали измени во правописот во 1945, 1950, 1970 и 1998 година.
„Првото поголемо осовременување на македонскиот правопис, практично, е направено со Правописот од 1969 година по кој следуваше подновениот од 1998 година, составен од истите автори без Тошев, кој почина во 1976 година,“ стои во предговорот на последното издание на Правописот на македонскиот јазик.
Последните изданија на Правописот на македонскиот литературен јазик беа објавени во декември 2015 година и март 2017 година, со што се осовремени неговата последна верзија направена речиси две децении претходно, почитувајќи ги претходните изданија на неговите први составувачи, Блаже Конески и Крум Тошев во 1945 година, како и подоцнежните кои следуваа: Божидар Видоески, Тодор Димитровски, Кирил Конески, Крум Тошев и Радмила Угринова-Скаловска. Во издавањето на последното издание на Правописот учествуваа Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа “Култура“. Второто издание претставува колективен труд, во чија работа учествуваа вкупно 48 автори, специјалисти во своите области водени од редакцијата во состав: д-р Живко Цветковски (претседател), д-р Снежана Веновска-Антевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар и д-р Симон Саздов.
„Без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“, Петре М. Андреевски.
Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ е издавач на бесплатната електронска верзија на македонскиот Правопис која може да се најде на адресата www.pravopis.mk.
На оваа веб-страница, можат бесплатно да се најдат правописните правила, односно правописот на самогласките и согласките, употребата на голема буква, слеано и разделено пишување на зборовите, делење на зборови, интерпункциски знаци и правописни знаци, како и скратеници и транскрипции.