Македонскиот кошаркарски репрезентативец Ти Џеј Шортс го доби најласкавото индивидуално признание во Кошаркарската Лига на Шампионите откако денеска беше прогласен за МВП на сезоната.
Својата награда, Шортс ја доби на специјална церемонија одржана денеска во Концертната сала „Марија Кристина“ во Малага каде се одржува завршниот турнир од ова натпреварување.
Епилогот е апсолутно очекуван имајќи предвид дека во најголемиот дел од сезоната, Шортс беше најдобар стрелец и играч со највисок индекс во Кошаркарската Лига на Шампионите.
„Ова беше прекрасно патување, вистински ролеркостер од емоции. Благодарен сум на сите кои ме поддржуваа и се надевам на добар натпревар против Хапоел во финалето“, изјави Шортс.
Во досегашниот дел од сезоната, тој просечно постигнуваше по 18,9 поени, 7,1 асистенции и 3,8 скока, а во вчерашното полуфинале против Уникаха беше најефикасен со 21 поен.