Првиот македонски детски семеен филм „Стела“, во режија на Стефан Вујичиќ, ќе се прикаже на 27. издание на Сараевски фестивал, кој е еден од најголемите во регионот. „Стела“ ќе биде дел од програмата „Teen Arena“.
Тоа нема да биде и единствениот македонски филм на фестивалот, што се одржува од 13 до 20 август. „Соло мед“, новиот краток филм на Тамара Котевска, ќе има светска премиера во Сараево, а во оваа категорија, за наградата Срце ќе конкурира и „Северен пол“ на Марија Апчевска, кој неодамна беше во селекцијата за Златна палма во Кан. „Пореметена Земја“ на Кумјана Новакова и Гилјермо Карерас-Канди ќе има светска премиера во програмата за документарци.
Во главната улога во „Стела“ е Петар Маниќ, кој го игра десетгодишниот Никола, кој по обидот за самоубиство поради чести малтретирања на училиште се зближува со шарпланинката Стела, која му ја враќа вербата во живот. Родителите на Никола ги играат Дејан Лилиќ и српската актерка Христина Поповиќ, а во кастингот се и Тони Михајловски и Симеон Дамески. Филмот имаше премиера минатиот септември на фестивалот Синедејс.