![туризам](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/turizam.jpg?resize=696%2C307&ssl=1)
Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Македонија повеќе од една декада е дел од меѓународниот саем за туризам “EMITT” во Истанбул, Турција. Саемот за туризам “EMITT” оваа година се организира по 28ми пат, од 5ти до 7ми февруари 2025 година. Богатата туристичка понуда на Македонија, адаптирана за турскиот пазар е промовирана од коегзибиторите на македонскиот штанд Бадемтур, ДМЦ Балканс, Вардар експрес, Делфино травел, Ајдинис травел, Балкан травел и хотел Макпетрол.
Репрезентативниот штанд на Македонија на првиот саемски ден беше посетен од бројни високи претставници на Република Турција, како и значајни учесници од туристичкиот сектор. Директорката на АППТ, Билјана Стефаноска имаше можност да размени мислења и да поразговара за туристичката размена како и продлабочување на соработката помеѓу двете земји со претседателот на ТУРСАБ- Асоцијација на туристички агенции на Турција, г-дин Фируз Багликаја.
Турските гости се традиционални во Македонија, културните, историските и семејните врски се мост кој ги поврзува двата народи. Минатата година има раст на бројот на турски посетители од 46%, споредбено со 2023г со вкупно 276597 туристи од Турција кои оствариле 385208 ноќевања, со забележано зголемување од 43%.
Како една од петте најдобри туристички изложби ширум светот, “ЕМИТТ” годишно привлекува околу 30.000 професионалци и туристи кои бараат нови и возбудливи можности за патување и истражување. Учество земаа над 100 земји, 650 излагачи и над 220 поканети туроперaтори како и активни туристички работници, медиуми, блогери, влогери кои ќе промовираат туристички дестинации.
За време на саемот се организираат бројни панел дискусии со различни лидери во областа на туризмот од Турција и светот. Овој настан овозможува вмрежување со сите учесници преку систем за онлајн закажување состаноци – hosted buyers, алатка која нуди можности за бизнис и соработка помеѓу светскиот туристички сектор.