Македонските фирми ќе ја освојуваат Русија преку Србија

Дел од македонските извозни компании кои се занимаваат со производство на храна размислуваат да отворат фабрики или погони во соседните држави кои имаат слободни трговски договори со Русија за да може полесно да ги пласираат своите производи на рускиот пазар следниов период, пишува Дневник.

Други, пак, ја разгледуваат опцијата да се здружат со српски партнери за преку нив без царина да го испратат производството во Русија. Македонските бизнисмени деновиве бараат начин како најдобро да ја искористат едногодишната забрана за увоз на храна од ЕУ и од САД во Русија, што руската влада ја наметна како одговор на европските санкции поради случувањата во Украина.

Домашните стопанственици сметаат дека е крајно време Владата да направи договор за слободна трговија со Русија, каков што има Србија, со кој ќе се овозможи бесцарински извоз на тамошниот голем пазар. Во моментов Македонија плаќа 16 отсто царина за извоз во Русија, што прилично влијае врз цената на нашите производи на тамошниот пазар.