Македонските граѓани затекнати во близина на инцидентите во Косово безбедно се упатени дома

Македонските државјани сместени во хотел во непосредна близина на манастирот во селото Бањска на северот од Косово, каде што вчера имаше оружен напад, утрово безбедно се упатени дома придружувани од косовската полиција, информира министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на социјалните мрежи.

Тој на „Фејсбук“ објави дека тие се упатени кон дома по извршените интервјуата и анализата од страна на косовската полиција.

„По извршените интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција. Околностите во кои тие се најдоа беа сложени имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина каде што се случи оружениот напад врз полицијата“, напиша Османи.

Во текот на вчерашниот ден, додава тој во написот, косовската полиција била веднаш соодветно известена за оваа ситуација по редовните канали.

„Јас лично разговарав и со мојата колешка Доника Гервала-Шварц. Во текот на целиот процес косовските служби ја гарантираа безбедноста на нашите државјани, а нашата амбасада во Приштина беше во постојан контакт со нив“, појаснува Османи преку социјалните мрежи.