Македонските граѓани ја покажаа својата хуманост, а истото го сторија и македонските компании кои несебично испраќаат помош за настраданите од поплавите што ги зафати Србија и Босна и Херцеговина, објави република.мк.
Aлкалоид преку своите локални канцеларии во Србија и Босна и Херцеговина веќе реализираше донации наменети за населението погодено од страшната природна катастрофа. Донациите се состојат во лекови, бебешки пелени, средства за лична хигиена и средства за чистење и дезинфекција. До сега, износот на овие донации достигна околу 60. 000 евра. Базата на компанијата во Македонија со посредство на амбасадите на земјите зафатени со природната катастрофа и републичкиот Црвен Крст веќе договори уште една пратка хуманитарна помош која деновиве треба да се реализира.
Македонската компанија Пелистерка се приклучи кон повиците за испраќање помош во Србија, која изминативе денови е зафатена од поплави со катастрофални размери и испрати 10 камиони со повеќе од 225.000 литри од оваа течност во најзагрозените подрачја. Станува збор за над 160.000 шишиња.
“Ситуацијата во Србија ја следиме со огромна загриженост. Солидарноста и желбата да му се помогне на соседот во овие мигови треба да бидат најсилни. Без размислување и резерви решивме да го испратиме овој конвој со свежа вода за пиење која, се надеваме, барем малку ќе им ја олесни состојбата и ќе им помогне во битката со невремето и со водената стихија на тие што им е најпотребно”, велат од Пелистерка во официјалното соопштение.
Компанијата Електрани на Македонија ја откажа денешната јавна аукција за продажба на вишоци на електрична енергија за периодот од 20-ти до 24-ти мај, поради потребата од насочување на дел од произведената енергија кон Србија.
“Денеска од полноќ почна најавената испорака на хавариска енергија кон електропреносниот систем на Србија со 80 мегаватачасови во банд режим, што ќе помогне да се надмине недостатокот од овој енергент како последица на катастрофалните поплави на територијата на Србија. Истовремено, електричната енергија од Македонија ќе придонесе во одржување на стабилноста и доверливоста на тамошниот електроенергетскиот систем, како и на севкупниот електроенергетски блок во регионот“, велат од ЕЛЕМ.
Како што веќе најави Дејан Бошковски, генерален директор на ЕЛЕМ, компанијата во следниот период ќе произведува електрична енергија за потребите на Србија и за нејзините граѓани, а во соработка со српските енергетски власти состојбата ќе се следи на дневно ниво.
“Им стоиме на располагање на пријателите од Србија во врска со се што ќе им биде потребно од наша страна, се разбира, во рамките на можностите. Во овој момент тие изразија потреба за електрична енергија која им е неопходна поради намаленото производство од нивните електрани. Подадената рака во основа значи техничка солидарност во согласност со протоколите за соработка и одржување на интегритетот на електроенергетските системи во регионот и намалување на можноста за нарушувањето на нивната стабилност во услови кога земјите од соседството се соочуваат со природна катастрофа. Исто така, количините ќе помогнат превентивно во намалување на ризикот од евентуален прекин на снабдувањето во делови од Србија поради недостаток на електрична енергија. На нашите колеги веќе им понудивме помош од инженери и друг стручен кадар кој би можел да им помогне во санацијата на штетите како последица од поплавите во дел од нивните термоелектрани“, изјави Бошковски за МИА.
Тој посочи дека ЕЛЕМ им се заблагодарува на компаниите кои имаа намера да учествуваат на денешната аукција за продажба на електрична енергија и верува дека ќе имаат разбирање за новонастаната ситуација. Како и досега, за секоја идна аукција компанијата редовно ќе информира на својата веб страница.