Македонските компании ќе се запознаат со можностите за извоз и соработка со компаниите од Кина. Бизнис настан насловен „Можностите за Македонските компании на кинескиот пазар“, организираат Сојузот на стопански комори на Македонија заедно со Меѓународниот саем во Нингбо, Кина и Амбасадата на Република Кина во Македонија.
Како што соопшти Сојузот на стопански комори, присутните ќе имаат можност директно да се запознаат со поволностите за учество на Саемот за инвестиции и трговија на Кина со земјите од Централна и Источна Европа.
Овој саем е еден од најголемите инвестициски и трговски саеми во Кина и е во организација на Меѓународниот саем во Нингбо, а подржан од Министерството за трговија на Кина и Провинцијата Жеџијанг. Оваа година саемот ќе се одржи во периодот од 9 до 12 јуни 2016 година.
На средбата ќе присуствува делегација од Кина составена од претставници од Меѓународниот саем во Нингбо, Директорот на Бирото за пазарна логистика и соработка на слободните трговски зони на Нингбо, заменик – директорот на Бирото за култура, ТВ/Радио и новинарство на Нингбо, заменик директорот на Туристичката администрација на Нингбо, претставници од Амбасадата на Кина во Македонија, како и претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, претседателите на гранските комори во рамки на ССК и претставници на компании – членови на ССК.
Во рамки на Бизнис настанот ќе учествува и компанијата „НингБо ДИЈИА ВИДА Традинг Цо.,Лтд“ која се занимава со увоз алкохол, храна и други производи од Европа. Компаниите – членови на ССК кои ќе учествуваат на настанот ќе имаат можност да остварат директна Б2Б средба со оваа компанија во согласност со својот интерес.