Речиси 70 македонски компании сметаат дека не треба да се зголемува данокот на личен доход од 10 на 18 отсто, покажала анкетата спроведена од Делегацијата на германското стопанство во Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение.
На прашањето дали сметате дека има потреба од зголемување на даночната стапка за личен доход за разликата од нето приходот, кој е повисок од 900 евра на 18 отсто дури 97 проценти од 70 компании кои учествувале во испитувањето одговориле со не. На прашањето, доколку данокот се зголеми на 18 отсто, дали ќе ја одземат разликата од платата на вработените, дури 67 отсто одговориле позитивно. На прашањето какво влијание ќе има новиот закон врз атрактивноста на Македонија, како локација за инвестирање, 86 отсто одговориле дека одлуката за воведување на зголемен данок, негативно ќе влијае врз земјата- пишува во соопштението на Делегацијата на германското стопанство.
Според нив, сите анкетирани компании одговориле дека очекуваат резултатите добиени од оваа анкета да бидат презентирани од Делегацијата и дискутирани со надлежните претставници од македонската Влада.
Од Делегацијата информираат дека нивниот директор, Патрик Мартенс се сретна со министерот за финансии Драган Тевдовски и го информираше за резултатите од анкетата. Министерот Тевдовски одговорил дека овој предлог- закон уште еднаш ќе биде разгледан.
На прашањето кои се приоритетите на компании во однос на реформите кои се спроведуваат, 37 отсто одговориле дека тоа е рамниот данок, 27 отсто изградба/ подобрување на државната инфраструктура, 25 отсто од испитаниците одговорија дека очекуваат еднаков третман на домашни и странски инвеститори, а 11 отсто одговорија дека тоа се фискалните олеснувања од државата.
Добиените резултати од оваа анкета се од големо значење за понатамошните одлуки за даночната политика која се води сега, но и во иднина во Македонија. Компаниите се најголемите даночни плаќачи во земјата и од нив зависи целиот развој во стопанството, затоа сметаме дека нивното мислење е од клучно значење, изјави Мартенс.