Македонските надежи изборија пласман на ЕХФ шампионатот , селекторот Лазаров презадоволен

Македонската репрезентација за ракометари до 19 години ја победи селекцијата на Полска со 30-25 и со тоа ја обезбеди , целта односно пласман во полуфиналето од ЕХФ шампионатот во Скопје.

Надежите предводени од Кирил Лазаров заборавија на поразот од  Грција во првото коло и отворија добро. Во првиот дел се играше изедначено , гол за гол па на пауза се замина со -15-16 за Пољаците.

Во вториот дел Македонските надежи одлично одиграа и не оставија никаква шанса на Полска да фати приклучок во мечот.

Митев се истакна со седум гола, а Петковски се надоврза со четири реализации, колку што имаше и Петар Атанасијевиќ. Голманите Галевски и Ермакоски собраа по четири одбрани.

По победата, селекторот Кирил Лазаров го изнесе своето мислење. Тој беше задоволен од прикажаното, а зборуваше и за психолошкиот момент на овој турнир.

„Денес одигравме многу подобар натпревар отколку пред два дена. Се изборивме со притисокот што сами си го наметнавме и се пласиравме во посакуваното полуфинале, а сега одиме на тоа да го освоиме Шампионатот. Денес, успеавме да реализираме голем дел, 70-80% од тоа што се договаравме. Имавме и на овој натпревар доста нереализирани чисти ситуации. Навистина не знам на што се должи тоа, веројатно е психолошки момент. Ние навистина се обидуваме да ги ослободиме од притисок момците. Пред натпреварот им кажав дека и да загубиме, не е крај, дека ќе продолжиме напред, со главите горе. Ако сакаме да изградиме тим, мораме да бидеме и трпеливи, но и за нив е подобро ако тимот го градиме преку учества на Светски и Европски првенства“, изјави селекторот Кирил Лазаров.

Полуфиналните средби ќе се одиграат утре, а Македонија  сè уште не го знае својот ривал. Швајцарија  и Босна и Херцеговина се борат за првото место во групата Б2, па подобриот ќе оди на мегдан со избраниците на Лазаров.