Најдобрите македонски одбојкари претпладнево отпатуваа кон Валбрич, во Полска со автобус наместо со авион. Оваа сезона условите на репрезентацијата беа понормални од лани, па на двете гостувања досега, во Естонија и минатата недела во Полска отпатуваа со авион. Армо ама за најважниот настан повторно се вративме на „омиленото“ превозно средство. На денешната прес-конференција пред тргнувањето одговорните не сакаа да навлегуваат во причините туку само го признаа недостатокот.
Не би коментирал зошто и како репрезентацијата патува со автобус. Имавме прекраток период за да се организираме, авионските билети се прескапи, затоа се снајдовме како што можевме, рече Зоран Карановиќ, генералниот секретар на Одбојкарската федерација.
Иронично е тоа што селекцијата беше во Полска неполна седмица пред Ф4-турнирот, кој ќе се одржи в четврток и в петок. Меѓутоа откако ги одигравме двата меча со домашната репрезентација сѐ уште не бевме сигурни дали сме пласирани на завршницата и затоа беше ризик да се отседи и да се почека на самото место. Излезе дека Грција навистина беше немоќна да ги замрси нашите амбиции, арно ама ние самите си ги замрсивме плановите. Во недостаток на план-Б, раководството не успеа да обезбеди авионски превоз и мораше да се потпре на четири тркала преку, речиси, 1.400 километри до Валбрич.
На одбојкарите, логично, не им е по ќеф ваквото сценарио, но немаат друг избор.
Ова со автобусот ептен нѐ уби ментално, но што е тука е, фајналфор не се игра секој ден. Ние сами си го заслуживме и ќе играме, изјави капитенот Никола Ѓорѓиев на прес-конференцијата.
Ова ќе биде само горко потсетување за македонската одбојкарска репрезентација, која минатото лето цела сезона во Европската лига ја мина со автобус, или во бројки, околу 10.000 километри. Овој пат има само една десетина од тоа, која би требало да ја совлада за 20-тина часа, што значи да пристигне во Валбрич утре наутро. Тоа значи дека на одбојкарите ќе им остане уште добар ден и пол за одмор, рекуперација, но и задолжителен тренинг пред четврточното полуфинале (20 часот) против Естонија.
Извор: Спортмедиа