Македонските партиски „барамунди“

страшо ангеловски

Сосема случајно наидов на податокот дека некаде во австралиските води живеат риби, кои најверојатно според јазикот на тамошното автохтоно население – Абориџините, го носат името Барамунди. И ќе речете, риба како риба што има интересно во тоа?

Е, токму оваа риба ме поттикна да го напишам денешниот текст. Имено, барамундите се единствените риби што сите, без исклучок, се раѓаат како машки. Дури подоцна, откако ќе пораснат и ќе достигнат некоја просечна големина од околу педесеттина сантиметри, некои од нив остануваат и понатаму машки, а некои од нив го менуваат полот и стануваат женски.

Првичната асоцијација, по добивањето на овој податок, ме насочи кон неприродно идиотската идеја на левата, неолиберална, налудничаво-безбожничка булумента која ни пласираше теза дека децата, со божја промисла, родени како машки или како женски, дури со стекнувањето на полнолетство, сами да се определеле на кој пол сакаат да припаѓаат. Децата, природно родени во однос меѓу еден нормален маж и една нормална жена, родени со сите атрибути и обележја што ги носат машкоста и женственоста, после полнолетството, спротивно на природните закони и моралните норми, да се определувале што сакаат да бидат – машко или женско. Теза која според изреката „нем како риба“, нормалното човечко суштество сака да го претвори во безгласно, зомбирано барамунди.

Втората асоцијација, која е уште поекспресивна, е асоцијацијата на дел од македонските политичари. На оние кои се тука околу вас, кои ги напаѓате и плукате додека се од другата страна, а ги величате кога ќе прејдат или ќе му помогнат на вашиот табор. На оние кои кога ќе пораснат, не до педесеттина сантиметри како рибата, туку до педесеттина милиони евра, до педесеттина стана во секоја зграда од општината, до педесеттина кривични пријави сокриени во фиока, го менуваат својот политички „пол“, и иако родени како „машки“, почнуваат да живеат како „женски“.

Ова е текст за оние политички барамунди кои се подготвени да ја променат и идејата и идеологијата (доколку воопшто ги имале); да ги погазат и заветот и заклетвата (доколку воопшто и ги почитувале); да си ги продадат и народот и државата (доколку воопшто ги сметале за свои). Оние политички барамунди без чија помош не ќе можеше да се случи ова што ни се случи – да ни го избришат името, да ни го поништат идентитетот, да ни ја украдат историјата и да ни го доведат во прашање опстанокот.
И бидејќи, за жал, ги има многу, а не заслужуваат внимание ниту колку напишаново до сега, ова ќе биде текст можеби најкраток по својата содржина, но, верувам доволно снажен по својата порака:

Македонскиот народ има обврска да ги препознае политичките барамунди (оние кои се раѓаат како мажи, а продолжуваат да живеат како жени), да ги елиминира од политичката сцена и да не им дозволи повеќе да и’ нанесуваат штета на татковината, зошто низ вековите, македонските мажи се раѓале како мажи, живееле како мажи, се бореле како мажи и гинеле како мажи за Македонија.

Нека биде така и понатаму – заради Македонија.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес