Македонската асоцијација на земјоделските задруги ги охрабрува државните институции поскоро да завршат со анализите во врска со сомнежот од руска страна за наводен реекспорт на европски овошје и зеленчук од Македонија.
Како што изјави претседателот на Асоцијацијата Менде Ивановски, доколку се утврди дека некој навистина продавал земјоделски производи со потекло од ЕУ, треба да биде најстрого казнет.
– Како обединувачко тело на повеќе производители на овошје и зеленчук вклучени во земјоделските задруги, ја поддржуваме акцијата на Министерството за економија кое врши контрола на фирмите кои извезуваат овошје и зеленчук на рускиот пазар од ЕУ декларирани како македонски. Истовремено повикуваме, доколку се утврдат злоупотреби, сторителите најстрого да бидат казнети, рече Ивановски.
Доколку Русија воведе санкции и врз Македонија, додаде, производителите ќе бидат многу оштетени.
Според Ивановски, земјава има што да пласира и може да биде конкурентна на рускиот пазар, особено со јаболка и праски, но и со одредени видови зеленчук.
– Моментно имаме над 20 илјади тони квалитетно јаболко само од ресенскиот крај кое може да оди без проблем на рускиот пазар, а да не зборуваме и за другите краеви од Македонија. Исто така, праски веќе продаваме, годишно шест до седум илјади тони, нагласи претседателот на Асоцијацијата.