Македонските ракометари СП го отвораат против Тунис

Македонската ракометна репрезентација Светското првенство во Франција ќе го стартува со дуелот против селекцијата на Тунис.

Откако вчера ги дознаа противниците на Мундијалот, утрово македонските ракометари и стручниот штаб, го дознаа и распоредот на натпреварите.

Македонија ќе игра во групата Б, чиј домаќин ќе биде градот Мец, а избраниците на Лино Червар на стартот, на 12 јануари ќе ги одмерат силите со Тунис, селекцијата која е голем должник на црнено-жолтите од олимпискиот квалификациски турнир во Гдањск. Натпреварот ќе се игра во терминот од 17 часот и 45 минути.

На 14 јануари, противник ќе биде аутсајдерот во групата Ангола (20.45 часот), додека два дена подоцна (16 јануари) следи пресметката против Словенија (17.45 часот), во кои еден наспроти друг ќе се најдат ривалите Лино Червар и Веселин Вујовиќ во улога на селектори.

Токму во овие три натпревари Македонија ќе треба да ја бара шансата за прогрес во осминафиналната рунда, бидејќи во последните две кола 18 и 19 јануари следуваат дуелите со фаворитите Шпанија (20.45 часот) и Исланд (17.45 часот).

Место во главната фаза ќе обезбедат првопласираните четири селекции, додека пето и шесто рангираните репрезентации ќе играат за пласман на „Президент купот’’.

Светското првенство ќе се одржи од 11 до 29 јануари во Франција.