Македонската женска тениска репрезентација се пласираше во финалето на групната фаза во третата Евро-африканска зона во „Били Џин Кинг“ купот, откако во петокот попладнето триумфираше во дуелот против Косово со 2-0.
Македонските тенисерки поведоа со победата на Магдалена Стоилковска над Доника Башота со 6-0, 6-1, додека печат на пласманот во финалето стави Лина Ѓорческа со максимални 2-0 во сетови (6-2, 6-2) против Адријана Лекај.
Противник на Македонија во финалето на турнирот што се игра во Скопје ќе биде победникот од дуелот меѓу Ирска и Португалија, а поуспешниот во финалната пресметка ќе обезбеди пласман во втората Евро-африканска зона во поранешниот ФЕД куп.