Македонското друштво „Илинден“ – Тирана и огранокот на Партијата на слободата за Мала Преспа со честитка по повод Илинден

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана и огранокот на Партија на слободата за Мала Преспа, денеска, по повод Денот на Републиката – Илинден упатија честитка до Македонците во Република Албанија.

– Почитувани Македонци и Македонки во Република Албанија и насекаде во светот, од име на македонско друштво „Илинден“ најсрдечно ви го честитаме најголемиот македонски празник Илинден. Да го почитуваме и славиме овој голем ден во чест на Илинденско востание од 1903 година и Илинден 1944 година. Нека ни е честит Илинден и нека е вечна нашата татковина, Македонија, стои во честитката на „Илинден“, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај.

Друштвото со текстот објавува фотографија од одбележувањето на Илинден во Тирана од страна на Македонците во 1937 година.

– Со голема гордост и радост, на сите Македонци, ви го честитаме, Илинден, денот на нашето македонско востание и борба за слобода и независност. Денес се сеќаваме на храбрите борци и револуционери кои се бореа за нашиот идентитет, култура и слобода. Нека овој ден не потсети на важноста на нашата историја и на нашиот заеднички стремеж за подобра иднина, стои во честитката на огранокот на Партијата на слободата за Мала Преспа, потпишана од претседателот Панди Јани.

Од партијата посакуваат честит Илинден со порака „да продолжиме да го негуваме и зачувуваме она што нашите предци го извојуваа со толкава пожртвуваност и љубов кон татковината“.

Делегација на огранокот на партијата учествуваше и на денешната илинденска средба што се одржа во село Требиште, област Голо Брдо.