Премиерот Христијан Мицкоски, пред македонските иселеници во САД, изјави дека македонското прашање не е затворено. Тоа, според него, ќе биде затворено оној момент кога Македонија ќе стане членка на Европската Унија. Ризикот од ефектите на „злабните усти“ треба да се прифати, за да се потенцира. Оваа изјава е прва од ваков вид, од осамостојувањето до денес. За прв пат, македонски премиер, јасно и гласно да каже дека македонското прашање се уште е отворено. Лекот за негово затварање е само со целосна релакасација на границите помеѓу Македонија, Бугарија и Грција. Нешто што може да се реализира само преку членството во Унијата, ваква каква што е сега. Наш национален интерес е затварањето на ова прашање. Членството во Унијата е едно од можните сценарија за негово исполнување. Се разбира, во ниту еден момент, не треба да се испушти од предвид фактот дека ова е и најтешката задача. Можеби потешка и од национално-ослободителната војна, за време на Втората светска војна. Тогаш имавме сојузници, денес нив треба да ги придобиеме.
Воопштено зборувајќи, од стекнувањето на независноста, до сега, ниту една македондка влада, ниту еден состав на Собранието, не отворило дебата за македонското прашање и начинот на негово решавање, согласно македонските национални интереси. Еднставно, како од бога даден, го прифатиме фактот дека македонскиот народ има држава која се нарекува Македонија и преку нејзе ги остварува своите национални амбиции. Дополнително, продолживме да го респектираме фактот дека во соседните држави постои македонско малцинство. И толку. Реалноста дека, ниту Бугарија, ниту Грција, не признаваат постоење на македонски народ, а со тоа и јазик, ја перцепиравме како небитна. Како нивни хир, кој кога тогаш ќе им помине. Како поминуваше времето, како еродираше образовниот систем, а со тоа и патриотизмот, така македонското прашање, се помалку ја интересираше македонската политичка елита. Тоа нормално се рефлекираше и на целата јавност. Наместо тоа да остане и да се зацврсти како еден од примарните национални интереси, членството во НАТО и Европската Унија, стане национален интерес. Владата предводена од Груевски, од само нејзе познати причини наместо, по извојуваната позитивна пресуда на Меѓународниот суд на правдата, да тргне во офанзива, реши да игра дефанзивно. Чекаше судијата да оствири крај на играта, надевајќи се на нерешен резултат. Едноставно не рабраа, или одбиваа да разберат, дека прашањето за името на Република Македонија, со сите косеквенци што ги носи, се и од грчки национален интерес.
Грчката нација, како и секоја друга нација, е изградена и врз митови. Најголем нивни мит е митот за континуитетот, од антика, преку Византија, до денес. Единствена пауза која ја прифаќаат е периодот на Османлиското владеење. Овој мит, дополнително е зајакнат со ставовите на европските романтичари за Грција како колевка на европската и светската цивилизација. Историски ова е делумно точно. Од друга страна, целосно е точно дека процесот на градење на нации, со помош на историските факти, е помалку битен. Битен е изборот на методологија, а со тоа и на средства, со кои се гради националната свест, а во функција на посакуваната цел. Фактот дека Византија никогаш не постоела, туку постоело Источното римско царство, во овој процес не е битен. Исто, како што не е битен фактот дека светската историографија се уште не може да докаже дека античките Македонци се дел од античките Грци или не. За грчката елита тоа воопшто не беше важно, ним повеќе од се им требеше Беломорска Македонија. Во крајна линија, небитен е и фактот за непостоење на грчки етнички континуитет на просторот на денешна Грција. Само за илустрација „Јустинијановата чума“ која започнува на почетокот на VI век и трае до VIII век, на просторот на Медитеранот и делови од Европа, според некои историчари убива помеѓу 50 и 100 милиони луѓе. За тогашни услови, грандиозна бројка, која ја опустошува територијата на Источното римско царство. Според некои неверификувани извори, само во главниот град на царството, Константинопол, дневно умирале по околу 10.000 лица.
На современата грчка нација изнесеново воопшто не им е битно. Од средината на XIX век, до денес, стотици генерации на Грци ја знаат и ја прифаќаат само официјалната историја. Грција е држава на континуитет и наследник на античката и средновековната историја, вклучувајќи ја и македонската. Грчкиот национализам, а со тоа и патриотизам, почиваат врз овие темели. Во оваа приказна нема место за македонскиот народ. Признавањето на неговото право на непречено опстојување, со текот на времето ќе го отвореше прашањето за грчкиот национален континуитет. Ќе ја доведеше во сомневање грчката приказна, со несакани ефекти врз грчкиот национализам. Нешто што ниту една модерна држава не смее да си го дозволи. Геноцидот, кој грчката армија го изврши врз македонското население (за воља на вистината и врз бугарското), за време на балканските војни, размената на населението по завршувањето на Првата светска војна, како и егзодусот од времето на граѓанската војна се најдобри индикатори, дека ним ништо друго не ги интересира освен територија на која ќе можат да населат грчко население. Индикатори кои, веднаш по прогласувањето на независноста, македонскиот државен врв мораше да ги земе во предвид и соодветно да изгради стратегија. Патем кажано, реакцијата на грчкото министерство за надворешни работи, по изјавата на премиерот Мицкоски, не треба да се земе сериозно. Грчкото министерство добро знае дека се’ додека постојат Македонци, македонското прашање не е затворено.
Приказната со Бугарија е поинаква. Таа, согласно руските интереси играше на картата на асимилација, наместо геноцид. Во Османлиската империја, црквата беше се’. Империјата не познаваше и не признаваше народносна припадност. Таа познаваше и признаваше само религиска. Животот на немуслиманското население е целосно управуван и контролиран од црквата. Поглаварот на црквата му ја гаранираше на Султанот лојалноста на неговата паства. По воспоставувањето на бугарската егзархија, голем број од македонското население се приклучува кон оваа црква. Прво поради незадоволство од Цариградската патријаршија, а второ поради блискоста на јазикот. Со самото тоа, бугарската црква, тоа население го запишува како бугарско, а Османската империја го прифаќа како такво. Децата од родители припадници на бугарската црква се крштеваат во бугарска, венчавките се одржуваат во бугарски, погребите на бугарски гробишта. Верниците од грчката и бугарската црква беа два антагонизирани и паралелни света. Подоцна кон ова се приклучува и српската православна црква. Истото важи и за просветните, културните и здравствените институции. Сите тие се под капата на црквата. Османските државни органи немаат никаков допир со нив, но не дозволуваа нивно отварање, доколку не се афилирани кон признаена црква. Во нив може да работи само лице кое јавно се декларирало како припадник на таа црква и се лојални на црковните поглавари, но и на политиките на матичните држави. Ова е всушност најголемиот предизвик за припадниците на Македонската револуционерна организација. Јавно да се декларираат, тие што мораа, за Бугари, тајно да работат за автономна Македонија. Потребата на средства за живот и желбата за автономна Макеоднија, побаруваа компромис. Овој феномен најдобро го објаснува великанот Крсте Мисирков.
Во реализацијата на своите политики бугарската егзархија е најуспешна. Нејзин основен проблем е што зад неа не стои државниот механизам. Културното изедначување, а со тоа и народносното, помеѓу бугарскиот и македонскиот народ таа не успева да го реализира. Секоја црква, колку и да е силна, не е способна да изврши етничка асимилација. На почетокот на XX-от век, веднаш по Илинденското востание, ова веќе го забележуваат и емисарите на големите сили. Посебно најзаинтересираните Русија и Австро-Унгарија. Русите веќе зборуваат за македонски народ, а австро-унгарците за македонски словени, раздвоени по религиска основа. Четирите неуспеха на Бугарија за инкорпорирање на големи делови од Македонија, воопшто не ја предомисли во нејзините големо-бугарски тенденции. Продолжи да ја поттикнува својата историографија на остапување од современите историски методи. Изјаснувањето на македонското население по религиска основа, што беше задолжително во Османската империја, таа го преставуваше и го преставува како изјаснување по народносна. Нешто што привремено беше прекинато по Втората светска војна, а како резултат на Бледскиот договор помеѓу Југославија и Бугарија. Со тој договор, таа призна постоење на македонско малцинство во Бугарија. Со тоа го призна и македонскиот народ и неговиот јазик. За кусо. Го раскина договорот и ги укина сите права на Македонците. Исто како и за прашањето со Грците, нашите политички елити не презедоа скоро ништо. Договорот кој владата на премиерот Лубчо Георгиевски го потпиша со Бугарија беше само фрлање на прав во очи.
Гледано од овој аспект ние немаме право да им се лутиме ниту на Бугарите, ниту на Грците. За нив македонското прашање цело време е живо. Прогласувањето на независноста на Македонија, тие го дочекаа подготвено. Не со развиена стратегија, со привремени мерки кои, благодарејќи на нашата неодговорност и неактивност, им дадоа време да ја развијат. Уште повеќе своите апсурдни барања, да ги замаскираат и да добијат отворенаа или преќутна поддршка на големите сили.
Во овој контекст не смееме да го потцениме и „албанскиот фактор“ во Македонија. Големо-албанскиот национализам е најмлад на Балканот, но ништо понеопасен од останатите. Може да се каже и поопасен од бугарскиот или грчкиот бидејќи делува и од внатре. Потезите на врвот на ДУИ, нивните директни контакти со грчките и бугарските официјални лица, беа исцело во функција на загрозување на фундаментите на македонскиот идентитет. За жал и во овој аспект нема простор за лутење. Никако да научиме дека на избори се гласа за, а не против. На избори се гласа за лидери кои претходно и на дело го покажале и докажале својот патриотизам. Пред се’ и над се’. Кога се националните интереси во прашање се’ друго е споредно.
Погоре посочената изјава на премиерот Мицкоски не наиде на поголем одзив во јавноста. Се појавија два-три коментара колку нешто да се каже, па макар и глупост. Сепак, молкот во јавноста, посебно од страна на опозицијата, требе да се протолкува и како позитивен сигнал. Соочена со очигледното спротивставување на јавноста кон бугарските барања, таа почнува да олабавува со идејите за вметнување на Бугарите во уставот. Човек да помисли дека новото раководство на СДСМ конечно сфаќа дека попуштањата кон кој било големодржавен национализам и шовинизам, не носи резултати. Носи само погубна штета кон македонскиот идентитет. Посебно кога тие попуштања се прават со желба да се оствари сон, за кој никој со сигурност не може да каже дека е остварлив. Најмалку сега!
Автор: Јован Донев за НетПрес